Престижната британска етикета „Лин Рекордс“ го издаде двојниот албум на кој нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески е повторно обединет со романскиот диригент Кристијан Мачелару и Симфонискиот оркестар од Келн, Германија, во изведбата на двата концерти за пијано и оркестар од Јоханес Брамс.
„ Нивната незаменлива хемија, најважна во камерните концерти на Брамс, е целосно прикажана во овие нови изведби што го ставаат музичкиот афинитет на двајцата уметници во центарот на вниманието. Овиа се два контрастни концерта, едниот почнува во темнина, другиот во светлина, означувајќи го главниот придонес на Брамс во жанрот. Беспрекорната техника на Трпчески и чувствителното свирење на оркестарот обезбедуваат задоволство за пијанофилите“, изјавуваат од Лин Рекордс, кои освен на компакт-диск, албумот го нудат за превземање и на современите музички платформи.
Симбилично, нашиот пијанист беше во Букурешт каде што во салата на романското радио настапи како солист на Оркестарот и под диригентската палка на Николае Молдовану, токму со изведбата на Концертот бр. 2 оп. 83 во Б-дур за пијано и оркестар од Брамс. Концертот беше дел од тековната „Радио музичка сезона“ на Романското музичко радио .
Издавачка куќа „Лин Рекордс“, по големиот интернационален успех на албумот Македонисимо и ЦД-то на кое Симон Трпчески заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија изведуваат програма со дела од Шостакович, ја продолжи сорабтката со Трпчески. Најновиот албум го содржи Квартетот за пијано на Брамс бр. 3 во c-moll, тука е и фантастичниот нов аранжман на „Дивертименто“ на Конесон и триумфалниот квинтет на Панде Шахов.
Под капата на оваа издавачка куќа излезе и албумот на Трпчески со наслов „Варијации“, со дела од Моцарт, Бетовен. Тука се и Брамсовите варијации од неговата рана фаза на тема од Шуман, а целиот албум завршува со познатите 32 варијации на Бетовен напишани на своја оригинална тема.
Делата од најновото цд во живо ќе бидат изведени во Лондон, како дел од сезоната на Лондонскиот симфониски оркестар 2023/24. На концертот Симон ќе ги изведе Брамсовите концерти за пијано 1 и 2 во декември во салата Барбикан.