Музичката атракција Brass Brothers на нивниот 10-ти роденден им подарија на нивните фанови нова песна „We Are Energy“, со која и официјално го најавија нивниот втор албум полн со изненадувања, позитивни вибрации и заразна енергија.
Нумерата ‘We Are Energy’, е химната на бендот, со мелодија и текст кои најсуштински го вокализираат сето она што момците го носат во себе и го предаваат на сцената. Таа го задржува добро познатиот енергичен музички потпис на бендот, кој дополнет со денс ритамот повторно создава уникатна и интерактивна музичка приказна.
„’We Are Energy’ е одличен потсетник дека сите сме поврзани преку енергијата што ја носиме во себе, дека сме дел од нешто поголемо, дека имаме бескраен потенцијал во себе и дека секој од нас може да го промени светот на подобро. А замислете колкава промена можеме да направиме кога ќе ги сплотиме нашите возвишени енергии и ќе ги насочиме кон убави нешта“, истакнуваат од групата и додаваат: „We Are Energy не е само уште една весела летна песна, ова е нашата химна, нашиот глас и порака, нашата музичка енергија, која сакаме да ви ја пренесеме и заеднички да ја поделиме низ светот. We Are Energy е љубов, хармонија и надеж дека се уште има добрина на овој свет. Доказ дека музиката може да не зближи, да не обедини, да ги избрише границите и да создаде нова поинаква реалност.
Но, можеби најмногу од се, We Are Energy сме ние со вас наша сакана публико! Вашата искрена реакција, вашата прекрасна енергија, насмевките на лицето додека танцувате, искрениот аплауз и овации додека свириме, прават да се чувствуваме величествено и се најважните состојки на магијата која заеднички ја создаваме на секој настап. Затоа We Are Energy е нашиот симбол со кој сакаме да ја заокружиме првата декада од нашето постоење, да ви се поклониме до земја и да ви кажеме ВИ БЛАГОДАРИМЕ што не извишувате до небото. Ви ветуваме многу љубов и многу музика и во иднина. Вашите Brass Brothers“.
Момците успеваат да го доловат ова на секој нивен настап. Со нивниот виртуозен стил на интеракција, кој ја вовлекува и публиката во нивната музичка приказна, тие ослободуваат уникатна животна енергија која не инспирира да го живееме животот без стеги стравови и ограничувања.
Музиката и аранжманот на “We Are Energy” е дело на Горан Мицевски Кус, фронтменот и тромбонистот на Brass Brothers. Brass Brothers е македонски музички бенд формиран пред 10 години, составен од професионални и талентирани музичари: Горан Мицевски Кус (тромбон), Костадин Бетоски (саксофон), Пере Мелов (труба), Јован Мартиновски (Dj) и Ник де Карло (туба). Оваа група е препознатлива по своите експлозивни и динамични живи настапи, кои ја освојуваат публиката и ја прават незаменлив дел од перформансот.
Brass Brothers донесе уникатна автентична енергија на македонската музичка сцена, пред се поради специфичната комбинација од брасс секција и динамичен звук. Зад себе ги имаат авторските нумери како “Време Невреме” на македонски јазик, како и петте музички нумери “Balkan Mayhem”, “Winner”, “The Spark”, “Inseparable” и “Take My Hand” од првиот албум на англиски јазик “Balkan Mayhem”.
Албумот “Balkan Mayhem” претставува извонредно креативен спој на македонската и балканската музичка традиција и свежи звуци и модерни елементи. Со овој енергичен албум, Brass Brothers создадоа уникатен звук и испратија моќна порака до својата публика од целиот свет. Со вториот албум “We Are Energy”, Brass Brothers ќе продолжат да го развиваат својот уникатен стил но ќе донесат и многу нови експериментални креации кои несомнено ќе ја освежат домашната но и светската музика сцена.
Нивната музика е достапна за преслушување и купување на сите светски дигитални платформи и музички продавници. За снимањето се погрижија Concept Production, Коста Дупчинов и Зоран Талевски.
Песната може да ја слушнете на следниот линк: