Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја заврши 2023 година со нова меѓународна награда – седма по ред за филмот, а вкупно десетта заедно со трите кои ги доби македонскиот режисер во текот на изминатата година. „Кајмак“ беше прогласен за најдобар филм на фестивалот и-Фест во Палермо, Сицилија, кој заврши на 29. декември. Филмот ја доби Меѓународната награда на Град Палермо, а куриозитет е дека таа е изработена од прославениот сицилијански керамичар Нино Парука, кој годинава одбележува половина век творештво.
Фестивалот му оддаде почит и на Манчевски, со почесна проекција на неговиот легендарен филм „Пред дождот“, добитник на „Златен лав“ во Венеција и на номинација за „Оскар“, како и со мастерклас што режисерот го одржа во Палермо.
„Кајмак“ новата 2024 година ја стартува во официјална конкуренција за најдобар филм на фестивалот во Буенос Аирес, Аргентина. Инаку, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција, поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија) во ноември 2022, а потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, САД, Холандија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Албанија итн. „Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија во 2022 година и е еден од најуспешните македонски филмови и со најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска, Хрватска.