Во преубавиот амбиент на црквата „Света Софија“ публиката уживаше во извонредната изведба на Гудачкиот квинтет на Тиролскиот симфониски оркестар од Инсбрук! Сузан Мерт-Томази (виолина), Андреј Јаблоков (виолина), Елеонора де Пои (виола), Леонардо Сесена (виолончело) и Драган Трајковски (контрабас) ја воодушевија публиката со својата прецизност, страст и музичка хемија.Овој исклучителен ансамбл, составен од врвни музичари со богато искуство во престижни оркестри како „Ла Скала“ и Лондонската филхармонија, подари вечер исполнета со елеганција и емоции. Концертот се организираше во рамките на традиционалната Австриска вечер на фестивалот што секоја година се одржува со поддршка на Австриската амбасада во Скопје и Casinos Austria.
Квинтетот го сочинуваат виолинистите Сузане Мерт-Томази која е член на оркестарот од 1998 година и често ја остварува функцијата на трет концерт-мајстор на оркестарот и членува во Тиролскиот ансамбл за нова музика и нејзиниот колега од групата втори виолини Андреј Јаблоков од Братислава кој е член на оркестарот од 2012 година. Покрај нив, движечка сила на квинтетот е Драган Трајковски, контрабасист со потекло од Македонија кој е водач на групата контрабаси на Тиролскиот симфониски оркестар повеќе од 15 години, како и двајца нови членови на оркестарот, водачот на групата виоли Елеонора де Пои и соло виолончелистот Леонардо Сесена. Де Пои има настапувано како оркестарски музичар во театрите во Фиренца, во „Ла Фениче“, како и во оркестарот на Националната академија „Санта Чечилија“, додека пак Сесена бил член на оркестарот на Миланската „Ла Скала“, како и заменик-водач на групата виолончела на Лондонската филхармонија.