Магијата на Битола повторно оживува и ги собира најмладите и нивните семејства на едно место, на промоцијата на вториот дел од сликовницата „Битолскиот клавир Петко и заборавениот пајтон“ приказна што ги спојува магијата, историјата и детската имагинација. Истата ќе биде во Book’s House – Битола, на 28. Декември, со почеток од 11 часот. Најмладите ќе уживаат во празнична атмосфера, музика, детска ликовна работилница, Дедо Мраз и дружба со Битолското Чупе, кое е дел од омилените ликови во приказната. Со особена гордост, Бимилк ја поддржа оваа сликовница што ги поврзува децата со културното наследство на Битола и ги поттикнува да ја откријат магијата на градот. По тој повод ние поразговаравме со авторката на сликовницата, Елена Наумовски, а илустрациите се на Мирјана Бубевска.
„Убавите приказни не се раѓаат“, ќе рече Елена и додава: „Тие се вечни и ја следат онаа константа што вели дека ништо нема почеток и ништо не завршува никогаш. Како едно од најрадикалните тврдења на Парменид од Елеја. Почетокот и крајот се илузија. Често ме мачи тоа прашање за љубовта и вечноста. Постоењето било и ќе биде, а веројатно заедно со него е и моето пишување. Понекогаш мислам дека пишував и пред да се родам. Тоа е оној порив што си го носиш како некои потпетици кои се удобни и убави истовремено“.
Авторот, според Елена, е најсреќниот човек. Има моќ да живее сто животи во овој само еден. „Но,„Пишувај за да го живееш животот што инаку би го изгубил“, ќе рече Буковски, а Ниче ќе додаде дека уметноста постои за да не нè убие вистината. Од тука, реалноста знае да здоболи до балчак, го знаеме тоа, а луѓето се веќе интоксицирани со квази-идеологии, фантомски циркуз што собира ботови и лајкови врз празна основа. Токму затоа ја спуштам таа црвена театрална завеса, третиот невидлив ѕид на актерот, книжевниот свет на писателот. Оној сигурен простор каде можеш да се „изнадишеш“ – на раат, со понекогаш молчелива, но упорна генеза. Би заклучила дека да пишуваш е како да редиш слагалица, решаваш загатка. Играш шах без кралица, а кога матираш имаш чувство дека си се искачил на Мон Блан. Креираш судбина и за миг си вонземско суштество“.
Запрашавме, зошто токму започна со поезија.
„Мислев дека ми е лесна, а сега мислам дека е далеку од тоа. Едно време ја мразев, оти мислев дека е патетика, се додека не сфатив дека е КАТАРЗА. Преку поезијата сфатив дека знам да го„имитирам“ односот на Салвадор Дали кон светот. Да немаш лимит, да се ослободиш од сите стеги… Имаше тој доста креативен, а за некои и луциден однос. „Единствена разлика помеѓу мене и лудиот човек е тоа што јас знам дека сум луд.“ Во поезијата токму тоа го правиш. Полудуваш без трошка срам и страв за она што ќе го речеш. И немаш граници. Имено, мојот потпис стои над две издадени книги поезии: „Бојата на розите“ и „Пред четвртиот елемент“. Горда сум и на романот„Четвртата улица“, зад кој сме потпишани јас и Владимир Ивановски Дади. Сум работела и на театарски сценарија и комедии кои биле изведенина театарски сцени“.
Кога сме веќе кај сценаријата, дали работиш на нешто ново?
„ Да. Пред извесно време го затворив филмското сценарио со работен наслов „Течение“. Премногу ми е драга соработката со режисерот Антонио Митрикески, корежисерот Омер Зекировски, Беби Зекировски како директор на фотографија и секако, Сања Поповска – авторката на книгата „Девојкатасо портокалова марама“, делото кое го зедовме како инспирација за нашата приказна. Се работи на филмот и подготовките се во тек. Моментално пишувам филмско сценарио – комедија, втор дел од еден добро познат македонски филм, кој сè уште не би го открила. И, секако, тука се детските сликовници, кои подоцна сфатив дека се мојата движечка сила. Тие му даваат боја на црно-белиот свет каде уметноста не може да циркулира ако е безбојна. А, ако е обична, брзо и досадува и сè така во круг, се додека не стануваш повторно дете и на„Ти“ си со ликовите од световите на бајките“.
Како ја создаваш приказната?
„ Најчесто авторите знаат да направат концепт. Долго фаќаат белешки, го осмислуваат патот што треба да го изодат нивните ликови. Кај мене скоро и да го нема тоа. За нив сум веројатно хаотична. Но, за мене е тоа експресионизам – совршен микс од инспиративен хаос и страст. Велам страст затоа што „гориш“ додека го типизираш ликот: што го мачи, колку го боли, што ли му се случило пред да му ја наметнам оваа приказна. Во каков однос е со моите ликови, а често знам да се запрашам и во каков однос е тој лик со мене. Токму тогаш знам да си откријам, најдам дел од себе во секој лик. Јас ги живеам сите тие ликови. Се шетам со нив, пијам кафе и гледам низ нивните очи. Ако не ги живеев, не би можела да знам што би правеле во мојата приказна. Е сега понатаму, доаѓаме до тој момент на прозен дискурс. Дали може тој лик да зборува во мое име? Вештината е во тоа никој да не препознае дека во токму тој лик имаш нешто од себе си, освен ако не е намерно. А, секако, мора да има нешто. Најчесто е копнеж“.
И како креатор на ликовите, Елена вели дека понатаму разбираш дека ги имаш само основните состојки, но каде е рецептот?
„Каде е транзицијата? Како би реагирала хероината, на пример, на надворешните физички, а и психички дразби? Мораш да го разбереш тој цел ансамбл со кој соработуваш во твојата приказна. Се додека не му ја разголиш душата и не ја почувствуваш неговата болка или среќа, не продолжувај“.
Од каде интересот за детската литература?
„Не се сеќавам каде, но еднаш прочитав дека најголемиот проблем и болка на човекот е што на крај е сè уште млад, а е заробен во тело на стар човек. Јас би рекла дека тоа дете е заробено во оваа жена. Но, сепак, не би рекла дека е заробено. Подобро е да речам дека е негувано. Никогаш не дозволувам да умре тоа дете. Затоа што ако не си дете, не знаеш да сакаш. Не знаеш да сонуваш, да си креативен, да создаваш. Сè уште знам да уживам во зборот на Јохана Шпири, во цртаните филмови на Дизни, во басните на Езоп, во расказите на„дедо“ Марко Цепенков. Животот таму има најповеќе боја“.
Доаѓаме до промоцијата која ќе се одржи на 28. декември, за вториот дел од сликовницата „Битолскиот клавир Петко и заборавениот пајтон“.
„Битолскиот клавир Петко се роди една ноќ во 2 часот после полноќ. Зошто Битолскиот ќе прашате? Затоа што живееме во најмагичниот град на светот. Затоа што имаме должност кон Битола. Затоа што почувствував дека некако се оттуѓуваме од нашите приказни, од нашата историја. Си ги заборавивме приказните, потеклото и потоа дозволуваме да не заборават. Затоа што сме гласни само на социјални мрежи и се плашам дека создаваме генерации кои нема да знаат што да го запрашаат chatgpt. Имено, ова нема да биде приказна само за Битола. Но, зошто приказната да не започне од тука? Од срцето на Европа и светот? Во случајот, се „држам“ на јасна интертекстуалност. Се поврзувам со постоечки колективни приказни, легенди и симболи на градот. Сакам да им дадам живот на веќе постоечки визуелни симболи кои во моите сликовници стануваат чувари на приказните. Токму така, овојпат оживеа и ликот на Битолкото Чупе. Нејзиното појавување во приказната за Битолскиот клавир и пајтоните не е случајна. Само претставува алузивна интертекстуалност“.
Општо, во нејзините книги претендира кондуалитет.
„Конкретно, во оваа сликовница е присутен дуалитет меѓу реалното и магичното, како и меѓу заборавот и колективното сеќавање. Паралелно, оваа приказна не е само детска бајка, туку е и приказна за возрасни. Додека ја креирав, сфатив дека претендирам кон создавање на внатрешна тензија, истовремено го движам времето, но и го замрзнувам. Ликовите се во исто време храбри и уплашени. Можеби токму во овој т.н. конфликт се раѓа комедијата, која морам да признаам дека ми оставила голема трага. А насмевката секогаш најубаво им прилега на децата. Но, ја засилувам и метафората и би сакала да ги предизвикам на двобој и возрасните. Така, меѓу редови ги запрашувам колку се сигурни дека и тие ги немаат истите чувства. Во секој човек постои тоа дете, само треба да го слушнеме и разбереме. Користам и идиоми за да го задржам живиот, препознатлив говор и да ја приближам приказната до читателот, а ја раскажувам со променлива фокализација, доминантно внатрешна преку ликот на Петко. Во крајна линија, „Битолскиот клавир Петко и заборавениот пајтон“ е повеќе од детска приказна. Додека децата уживаат во боите, возрасните можат да го најдат скриеното дете во себе – и токму тоа е магијата на моето творештво: да ги поврзам генерациите, да создадам свет каде сите сме на „Ти“, макар само за миг“.
Дојдете да го запознаете Петко, да ја слушнете приказната и да создадете заедно со авторката незаборавни празнични спомени.

