Во рамките на 79-тото издание на Филмскиот фестивал во Венеција, се одржа премиерата на новиот македонски филм „Најсреќниот човек на светот“. Режисерката Теона Стругар Митевска и дел од екипата на филмскиот проект присуствуваа на прикажувањето на филмот во шармантниот италијански град.
„Интересот за филмот е голем, продадени се сите карти за проекциите, Венеција е посебен и најстар филмски фестивал и огромна е честа да бидеме тука“ – изјавија од продукцијата пред премиерата.
„Распадот на Југославија промени сè за нас, раните од војната во БиХ се и наши рани и затоа иако сум Македонка, се решив да раскажам приказна која се случува во Сараево“, изјави режисерката и косценаристка Теона Стругар Митевска.
Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато; ова е приказна за невозможни спојки, за љубовта и апсурдот. Филмот започнува како хумористична екскурзија и се развива во планина од искуства. Природниот ритам е тесно поврзан со техниките на распит додека се трага по вистината после насилство. Овој филм ги размотува слоевите емоции полека носејќи го гледачот до точка на вртоглавица.
„Ова е приказната на Елма, за нешто што ѝ се случило на неа и таа беше великодушна да ја сподели со мене. Кога почнавме да работиме на филмот, ѝ реков: ‘Елма, јас сум Македонка, дали имам право?‘ И таа ми рече: ‘Тоа е моја приказна и те избрав тебе‘. Важно е да се зборува за војната, зашто видете што се случува денес во Украина. Овој филм зборува за тоа што значи да се живее во војна 30 години откако таа е завршена“, изјави Митевска.
Во главните улоги се Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ, во споредна улога Лабина Митевска, потоа Ана Костовска и Николина Кујача, како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ. Филмот се снимаше пет недели во Скопје и една недела во Сараево и истиот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.
Првиот македонски филм во Венеција по 20 години пауза учествуваше во рамките на паралелната официјална натпреварувачка програма Хоризонти. Во 1994, „Пред дождот“ на Милчо Манчевски го освои Златниот лав, а во 2001 неговиот втор филм „Прашина“ го отвори фестивалот. „Судијата“ на Жанета Вангели беше во една во специјалните програми во 2002 година.
„Имавме кастинг од цела бивша Југославија и цела Европа. Национализмот е голема опасност во светот денес и не носи ништо добро. Светот е убав поради разноликоста и солидарноста. Уметноста треба да биде над националноста, верата и политиката. Ние ги славиме уметноста, филмот и добрите приказни“, кажа актерката и копродуцентка Лабина Митевска.