Македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона С. Митевска е годинешниот македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“ за 2023 година. Одлуката денеска ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука.
Премиерата на филмот беше во рамките на 79-тото издание на Филмскиот фестивал во Венеција. Режисерката Теона Стругар Митевска и дел од екипата на филмскиот проект присуствуваа на прикажувањето на филмот во шармантниот италијански град.
Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато; ова е приказна за невозможни спојки, за љубовта и апсурдот. Филмот започнува како хумористична екскурзија и се развива во планина од искуства.
Во главните улоги се Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ, во споредна улога Лабина Митевска, потоа Ана Костовска и Николина Кујача, како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ. Филмот се снимаше пет недели во Скопје и една недела во Сараево и истиот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.
Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите: „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески, „Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски и „Мими“ во режија на Даријан Пејовски.
„Најсреќниот човек на светот“ македонски кандидат за Оскар
previous post