Во светот на модата, местото каде традицијата и новото се среќаваат секогаш создава магија. На 16 септември, во Пациото на Завод и музеј Битола, се одржа ексклузивниот настан ЕТНО 3/4 – моден перформанс која ја реинтерпретира историјата на битолската мода низ современи креации. Јасмина Василевски, дизајнерката зад брендот „3/4 by Јasmina”, успеа да ја трансформира богатата модна традиција на Битола, давајќи ѝ сосема ново и свежо светло.Колекцијата ЕТНО 3/4 се базира на три моќни модни влијанија: А ла Франка-со својата суптилна европска елеганција, А ла Турка-што носи ориентална раскош и мистицизам и етно стиловите, кои со нивните длабоки корени во македонската традиција создаваат неповторливи модни парчиња. Но, она што ја прави оваа колекција навистина уникатна е начинот на кој Јасмина ги вметнува оригиналните везови од крајот на 18-тиот и почетокот на 19-тиот век во модерни силуети, правејќи ги овие парчиња вечни.
„Имплементираме елементи извадени од ковчегот на времето, на кои им даваме нов живот“ вели Јасмина, истакнувајќи ја посебноста на секое парче како симбиоза помеѓу минатото и сегашноста. На настанот беа презентирани 10 ексклузивни модели, секој од нив внимателно дизајниран за да раскаже своја приказна. Од дводелниот комплет во стилот А ла Франга, изработен од плиш и украсен со деликатни везови, до волненото 3/4 палто со рачно везени мотиви од крстови, оваа колекција успеа да ги спои древните занаети со модерниот дух на модата. Публиката беше водена низ секој модел со гласот на Бранко од Фолтин, чиј емотивен настап ја дополнуваше драматичната презентација.
„Овие модели не се само облека, тие се уметнички дела“ изјави тој, прикажувајќи го секој дизајн како културна реликвија оживеана преку модниот објектив на 21-виот век. Проектот ЕТНО 3/4, поддржан од Министерството за култура на Република Македонија е значаен чекор во зачувување и презентирање на македонското модно наследство пред новите генерации. Вечерта заврши со коктел во дворот на музејот, каде што гостите имаа можност да ги разгледаат моделите кои висеа во просторот и да се восхитуваат на внимателно изработените детали, кои раскажуваат приказни за минатото, но ги инспирираат модните визии на иднината.