Во музејот на македонската борба во Скопје, беа доделени наградите на истакнати музички педагози од областа на музичката педагогија од страна на Здружението на музичките и балетските педагози на Македонија. Годинешната награда за животно дело ú припадна на долгогодишната професорка по пијано и шеф на клавирскиот оддел во Битолското музичко училиште, проф.Маргарита Татарчевска, а за едногодишна успешна работа за учебната 2020/2021 година наградата ú припадна на проф.м-р Маја Митровска, професор по соло пеење. Маргарита Татарчевска сега е професор во пензија, а наградата ја добива за нејзиниот особен придонес во развојот на пијанистичката педагогија во Македонија. Таа е родена во Битола, каде завршува основно и средно музичко образование во класата на професор Милица Шперовиќ-Рибарски. Своето школување го продолжува на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на одделот по пијано, во класата на професор Лепша Пиперковска. Во 1973 година се вклучува во воспитно образовниот процес во Музичкото училиште во Битола, како професор по пијано и работи во овој училишен центар сè до своето пензионирање во 2012 година. Пијано одделот на битолското Музичко училиште под нејзино водство од цели 20 години, достигнува највисоки резултати и квалитативно ја проширува дејноста, петкратно зголемувајќи го бројот на вработени професори по пијано. Маргарита Татарчевска со својот методолошки пристап и педагошка посветеност на работата едуцираше повеќе од 200 ученици во нејзината класа од кои 25 во специјалната пијано класа. Нејзината темелност и перфекцинирам и го носи најголемиот професионален успех со кој еден педагог може да се пофали, а тоа се успесите со нејзините ученици, што го потврдуваат стотината награди, меѓу кои: 4 лауреати, 10тина специјални, 30тина први и многу втори и трети награди, како и безброј пофалници на бројни државни и меѓународни натпревари.
За својата посветеност на пијаното и неговата популаризација на пошироката јавност во особено во Битола и југозападниот дел од Македонија, Маргарита Татарчевска е добитник на повеќе дипломи и благодарници за нејзиниот ангажман на повеќе државни и меѓународни натпревари, како и награда за повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија во 2005 година. Маја Митровска е родена во Битола каде завршува средно образование во Државно музичко чилиште во класата на проф. Пеце Митревски. Дипломира и магистрира на НМА“Панчо Владигеров” во Софија, Р.Бугарија, во класата на оперската пејачка – проф.Иванка Нинова. Работела со реномираната Оливера Милјакович во Виена, како и мастер клас на Мирела Паруто и Антонио Боаје од школата “Санта Чичилија” Рим, Италија.
Од сценско искуство како професионални компетенции се вбројуваат оперските улоги: Папагена од оп.”Волшебната флејта” – В.А.Моцарт (деби), Адина, оп.”Љубовен напиток” – Г.Доницети; Р.Бугарија, Адела, оперет.”Лилјакот” – Ј.Штраус; Р.Бугарија, Розина, оп.”Севилски Берберин” – Џ.Росини; Р.Бугарија и други. Од 2010 год. е професор по соло пеење во Државното музичко училиште – Битола. Работи на промоција на училиштето преку социјални медиуми, планирање, организација како и координатор за реализација на јубилеен концерт на ДМУ – Битола 2022 год. Член е на жири комисија за дисциплината – соло пеење, на државни и меѓународни натпревари. Во 2022 год. е музички координатор во проектот “Ryco – superschools” кој се реализира во Р.Македонија и во Р.Србија. Нејзините ученици се добитници на повеќе први и специјални државни и меѓународни награди. Покрај Митровска и Татарчевска останатите награди отидоа кај професорите: Марина Грозданова, Александар Трајковски, Самира Мустафаоглу.По повод врачувањето на наградите беше одржан свечен концерт во Музејот на македонската борба.