Home » Награда како заокружување на еден пост ковид период

Награда како заокружување на еден пост ковид период

Разговор со костимографот Благој Мицевски

by culturalchat

„ Нуркајки во личните архиви, разбирам дека фестивалот на некој начин ја одбележува мојата уметничка кариера, ја прати и еве по 14 ти пат и ја наградува. Од првата награда во далечната 1993, па се до оваа годинава, поминаа многу претстави, фестивали, пријатели и како уметник кој во историјата на овој фестивал ќе остане забележан со најголем број индивидуални награди на истиот, чувствувам да кажам дека – каков е таков е – фестивалот е наш, единствен е од тој вид по многу нешта и опстојувал секогаш во исклучително тешки услови. Уште еднаш благодарам до сите што учествуваа во реализацијата на претставата „Артуро Уи“, на организаторите на фестивалот, на прекрасната публика што секогаш ги полни салите во Прилеп и секако најмногу на жирито“, ова е дел од она што битолскиот костимограф Благој Мицевски го напиша на социјалните мрежи, а по повод добивањето на наградата за најдобра костимографија на 56.издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

На истиот Битолскиот театар за изведбата на едно од најконтроверзните дела на Бертолт Брехт „АРТУРО УИ” освои најмногу награди. Покрај наградата на Мицевски, тука се и наградата за музика доделена на Тимор Доми, наградата за режија се додели на Ќендрим Ријани , наградата за женска епизодна улога на Викторија Степановска,  наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“, на Никола Пројчевски.

Костимограф чии креативни дела се препознатливи не само во Македонија, туку и на светските театарски сцени, кој креира посебен визуелен печат за големи театарски претстави, опери, балет, танцов театар, претстави на врвни режисерски имиња во Европа и пошироко, Благој Мицевски, создава единствени визуелно сценски решенија. Но не само костимографски. Мицевски често своите креативни замисли ги создава преку режисерската палка пред се во својата матична куќа, Битолскиот театар.

Годината ја започна со премиерата на „Идиот“ од Достоевски, во режија на Андреј Цветановски во театарот во Нови Сад, премиерата во Сараевскиот театар за претставата „Крал Едип“ во режија на Диего Де Бреа, продолжи со костимографијата за претставата „Големиот Диктатор“ во Драма Љубљана, премиерата на „Мајка“ во Битолскиот театар, премиерата на „Артуро Уи” во режија на Ќендрим Ријани исто така за оваа театарска куќа и други.

Кога сме кај оваа претстава за која доби признание тој вели:

Б.М.- На фестивалот „Војдан Чернодрински“ скоро секогаш има по некоја претстава за која сум правел костими и некако е тесно поврзан со она што го правам, но и идеална можност да се погледне што прават другите театри и колеги исто така. Со оглед дека и наградата се добива од театарски уметници или познавачи на театарот, таа секогаш ми е посебно драга. Нескромно кажано годинава после подолга пауза ја добив по 14 ти пат и во момент кога, можеби ке звучи патетично, не ја очекував. Сепак многу се израдував затоа што таа заокружи еден многу интензивен пост Ковид период во кој направив дури седум костимографии во различни градови од Љубљана до Битола, а започна во Унгарскиот театар во Нови Сад на почетокот од годината. Сепак поважно од наградата е дека сите се враќаме во некаква нормала и сме во можност повторно да реализираме вакви големи проекти.

Каква беше соработката со режисерот и предизвикот за костимографијата за дело кое се смета за едно од најекстравагантните на Брехт?

Б.М.- Со режисерот Ќендрим Ријани соработувавме за прв пат иако го познавам уште од неговите студентски денови во Тирана. Соработката течеше без поголеми проблеми и со оглед дека тој е едно од имињата што допрва доаѓаат и имаат што да кажат, се надевам и на идни соработки. Инаку секое дело од Брехт е секогаш голем предизвик за еден костимограф заради комплексноста на делото, но и предизвикот како да се избегнат клишеата за негово современо поставување на сцена. Мислам дека костимите во претставата успешно се носат и справуваат со тие проблеми.

Во оваа претстава играат Илина Чореска, Иван Јерчиќ, Никола Стефанов, Хари Михајловски, Валентина Грамосли, Викторија Степановска Јанкуловска, Никола Пројчевски, Сандра Грибовска, Анастазиа Христовска, Александар Димитровски, Петар Спировски и Александар Стефановски. Добро препознатлва екипа на театар кој освојува награди на било кој фестивал и да настапува.

Го има ли според Вас, Битолски театар местото во македонската театарска сцена кое го заслужува?

Б.М.- Народниот театар од Битола е несомнено најдобар театар во државата и по сите параметри како продукција, фестивали, награди и гостувања сеуште го има тоа место на врвот и несомнено го заслужува истото. Секако дека поголема поддршка е секогаш добредојдена со цел да се задржи нивото, но за среќа како што и самите велите, тоа е еден од најдобро екипираните театри каде можат да се реализираат сложени театарски претстави.

Претходно Мицевски го поставува делото „Мајка“ на современиот автор Флоријан Зелер (имено кој стана познат по сценариото и режијата на филмот „Татко“, со кој актерот Ентони Хопкинс минатата година го доби Оскарот за најдобра машка улога).

„За неговите драми е потребна идеална, или како што велиме „филмска“ поделба на улогите, па изборот падна на драмата „Мајка“, за која во тој момент собрав актерска екипа со која најдобро може да се соработува за да се пренесе текстот на сцена“, вели Мицевски за ова дело.

Б.М.- Па најпрво многу ми се допадна текстот Мајка, потоа некако имав идеална глумачка подела за ликовите ,но и екипа која сака да соработува со мене. Најважно од се е тоа што мислев дека нашиот театар има потреба од таква современа драма од еден од најактуелните автори на денешницата како Зелер.
На претставата работевме долго и детално во период од 6 месеци и резултатот е повеќе од очигледен. Тоа е производ со посебни актерски остварувања и визуелни квалитети надополнети со прекрасна музика и специфично светло.
Веќе имаше неколку изведби пред полн салон и секогаш со стоечки овации од публиката на крај, што посебно не радува сите. Се надевам дека и публиката пошироко ке има можност да погледне за што зборувам затоа што на претставата и предвидувам долг живот.

Во претставата играат Соња Михајлова, Петар Горко, Марија Стефановска и Антонио Китановски.

Тука е и уште една премиера овојпат во Белград каде Ваша беше костимографијата за „Антигона“ . Препознатливи и овојпат црвено-бело-црните тонови, симболика карактеристична за режисерот Диего Де Бреа. Каков предизвик Ви беше истата?

Б.М.- Со претставата Антигона во Белград симболично одбележавме мал јубилеј со Диего, тоа е наша 15 та претстава во последните 10 години во кои заедно развиваме и негуваме една посебна таканаречена ” ноар” естетика. Ова беше наша втора претстава во Белград каде има исклучителна актерска екипа пред се, а пред тоа годинава работевме и на „Цар Едип“ во Сараево како и на „Големиот Диктатор“ во најдобриот театар во регионот, Драма Љубљана. Истата деновиве доживува огромен интерес и успех кај публиката.

Но, тука не застануваме. Ја имаме Приштина. За што се работи?

Б.М.- Во Приштина се вратив после многу години на покана на Јетон и Блерта Незирај за претставата Хандке Проект со интернационална екипа. Тие во својот Ода Театар негуваат специфичен ангажиран театар со кој често настапуваат во регионот и странство како резултат на копродуцентските партнери. Претставата веќе се играше во Скопје, деновиве е во Белград па потоа во Сараево, Италија итн. Соработката беше одлична така да со радост би се вратил повторно за што веќе и е разговарано. Овој пат не бев во можност да погледнам нешто друго и повеќе , но на повидок е соработка на претстава во Националниот театар таму наесен па ќе споделам нови искуства и впечатоци тогаш. Дотогаш малку заслужен одмор. П.С.
Неда Маретиќ, сакам да изразам огромна благодарност за доследноста и огромната упорност со кои и од дистанца ги пратиш случувањата во културата во регионот.

Благодариме за убавите зборови.

Во продолжение уште дел од костимографиите на Благој Мицевски.

 

 

 

 

Related Articles