Home » Награда за уметничко остварување во целина за „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски

Награда за уметничко остварување во целина за „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски

by culturalchat

Претставата „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски на Театарот „Антон Панов“ од Струмица ја освои наградата за уметничко остварување во целина на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“. За струмичкиот театар оваа награда доаѓа на 75-годишнината од основањето.Струмичкиот театар по 45 години од историјата на овој фестивал, ја добива наградата за најдобра претстава. „Постарите прилепчани ги знаат добрите времиња на струмичкиот театар, кога освојуваше награди. Се надевам дека ова ќе ни биде поттик за следната година, имаме тим, актери, техники, голема благодарност до режисерот Љупчо Ѓоргиевски во името на целиот ансамбл“, рече Драган Маџиров, раководител на театарот.Според жири-комисијата, во состав Марина Миливојевиќ-Маѓаров – претседателка, Марина Катниќ-Бакаршиќ и Варја Ѓукиќ, претставата „Црна дупка“ на Струмичкиот театар била хармонична, со вооедначен однос на сите елементи во структурата.
„Играа со полно срце, одлучно покажаа дека ја сакаат претставата. Играа дело посветено на авторот во фокус на фестивалот, што го имавме предвид кога одлучувавме. Претставата е заокружена, со јасен концепт“, рече Маѓаров.
„Претставата за мене како театарски човек, како актер, е посебно автентично доживување. Сјајни улоги, одлична музика, сценографија“, дополни Варја Ѓукиќ.Оваа претстава ги доби и наградите: за главна машка улога за актерот Васил Михаил за улогата на Силјан, награда за женска епизодна улога за актерката Анкица Бенинова за улогата на Сања во истата претстава.

„Посебно ми е драго што оваа награда ми се случи според текст на Горан Стефановски, во пиесата базирана на митот за Силјан Штркот, запишан од Марко Цепенков, уште еден прилепчанец. Горан праќа уште подлабока порака а тоа е дека овде во овој живот треба да го побараме она што постојано мислиме дека недостасува. Таа друга страна на животот – љубовта. Ви благодарам“, рече Михаил.„За вас постоиме и ќе постоиме и театарот дури и да се распаѓа, ние живееме“, рече Бенинова.
Според режисерот Љупчо Ѓоргиевски секое дело е длабоко вкоренето во периодот кога настанало, па така и „Црна дупка“ на Горан Стефановски.

„Мене ме интересираше другата димензија – матрицата на Силјан Штркот, непослушниот син што се доближува до блуден син, за да стигнеме до она што денес ни се случува. Најмногу ме интересираше оттуѓувањето и како ние како луѓе имаме насушна потреба, секој од нас да се покае, да стане секој од нас Силјан, да се поправи.. За музиката со композиторот Сашко Костов и лајт-мотивот се водев од клетвата што ја носиме сите: „Цел живот да се бараш еден со друг и да не можеш да се најдеш“ , рече Ѓоргиевски.

Во преставата освен Васил Михаил и Анкица Бенинова настапуваат и Танкица Стојанова, Јасмина Вучкова, Кире Ѓоргиев, Елисавета Бончева, Коста Ангов, Ангелина Тренчева-Ангелова, Јулија Милкова, Стојан Велков-Трн, Илија Младенов и Теодора Арсов. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Андреј Ѓоргиевски, а композитор е Сашко Костов.

На фестивалот беа промовирани и фондацијата и наградата „Горан Стефановски“, преку која ќе се стимулира македонското драмско творештво, како и документарниот филм „Траги“ посветен на големиот македонски драмски автор.

 

 

Related Articles