Home » Награда за најдобар филм за „Лена и Владимир“ во САД

Награда за најдобар филм за „Лена и Владимир“ во САД

by culturalchat

Филмот „Лена иВладимир“ ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на Julien Dubuque International Film Festival во Ајова, САД.

„Целата екипа е длабоко почестена и ја изразува својата благодарност до фестивалот и сите наши поддржувачи“, изјави режисерот Игор Алексов. Филмската бајка „Лена и Владимир“, е снимена по сценарио на Александар Русјаков.Раскошна визуелна бајка прикажува новиот македонски долгометражен филм. Приказната во филмот ја следи потрагата по различни форми на љубов кај двата главни ликови. Тој – бегалец од душевните лавиринти на животот, Таа – бегалец од реалноста на животот во дом за деца без родители. Нивната случајна средба во магичната шума, во која владее вечна пролет, асоцира на македонска верзија на „Убавицата и ѕверот“, но шумата не е изолирана, туку е на границата со реалноста. Во таков амбиент се случува појава на искрена и невина љубов, соочување со минатото, потрага по смислата на животот и сурова егзекуција на последната надеж дека вистинската љубов навистина ќе се случи. Филмот „Лена и Владимир“ е приказна за љубовта, но и за откажувањето од животот, за осаменоста, за корумпираниот систем и за злоупотребата на младоста и на невиноста, креиран како магична приказна помеѓу митот и реалноста.Главните улоги во филмот ги играат актерите Тони Наумовски како Владимир и Сара Климоска како Лена. Двајцата ја носат есенцијата на приказната – тој со својот стамен стас и длабок глас, а таа со својата младост, полетност и ентузијазам. Како актер Наумовски зад себе има над 200 улоги на филм и во театар, а тука остварува карактерна улога која многу точно и прецизно ја води од почетокот до крајот на филмот. Тука мора да се истакне и одличната маска која го гради карактерот на Владимир. Младата Сара Климоска досега оствари повеќе извонредни улоги на театарската сцена и на филмското платно. Во епизодни улоги се појавуваат актерите Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски, Кирил Коруновски, Луран Ахмети, Горан Илиќ, Дениз Абдула, Стефан Вујисиќ, Ангела Димитрова, Никола Кузелов и други.

Продукцијата е на „Минд“ – Скопје и „ДМФ Филмс“ во копродукција со „Терирем продукција“ од Србија, продуценти се Дејан Илиев и Илија Циривири, кинематографер е Душан Кардалевски, монтажата е на Мартин Иванов, продукцискиот дизајн на Влатко Зафирковски, костимите ги дизајнираше Раде Василев, дизајнот на маските и шминките е на Горан Игњатовски, сценографијата е на Александра Петкова и Влатко Христов, музиката на Дарко Спасовски, кастингот го направи Катерина Грубач. Филмот е посветен на прерано починатиот актер Луран Ахмети (1974-2021) од Албанскиот театар во Скопје. Филмот беше прикажан на затварањето на 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“,  Битола.

 

Related Articles