„Кајмак“ на македонскиот најтрофеен режисер Милчо Манчевски ја освои наградата за најдобар филм на фестивалот „Синеквест“ во Калифорнија, САД, каде што ја имаше и американската премиера. „Синеквест“, го имаше своето 33-то издание и е еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни уметнички дела.
Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити. Ова е втора награда за три дена за „Кајмак“ откако претходно освои специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмските критичари од Европа и Медитеранот) на фестивалот во Херцег Нови, Црна Гора.
Светскиот продажен агент „Левел К“ од Копенхаген го пласира „Кајмак“ и во Австралија, каде што набргу ќе почне прикажувањето. Инаку, „Кајмак“ е еден од македонските филмови, кои имаат најширок пласман во светот, продаден е за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.
Овој месец „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште три фестивали: i-Fest во Калабрија, Италија, каде што ќе бидe прикажанa и ретроспектива на опусот на Манчевски, „Балкан панорама“ во Измир, Турција, и Avant&Una во Бихаќ, Босна и Херцеговина, а фестивалскиот живот ќе го продолжи и во текот на есента.
„Кајмак“, кој е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и многубројни написи во локалните медиуми. Филмот ја освои и специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија. Филмот во јуни ја имаше и данската премиера во Копенхаген.
„Кајмак“ минатата година беше најгледан филм во Македонија.