Завршен е муралот насловен како “Книгите – паметници на македонското слово” кој го краси северниот дел на Домот на културата “Илинден” во Демир Хисар. Муралот е дело на ликовниот уметник и професор по ликовна уметност Дијана Колонџоска и нејзините ученици – членови во ликовната секција во ООУ “Гоце Делчев” Демир Хисар и членови на ликовно творечките активности во СОУ “Крсте П. Мисирков” Демир Хисар, а е посветен на роднокрајните демирхисарски писатели кои со нивните дела допринеле за зачувување и афирмирање на македонското писмо. Нацртаниот мурал е во рамките на Манифестацијата “Цртај на македонски јазик” и е поддржан од Министерството за култура.Проектот е посветен на користењето на нови културни форми на изразување, развој на ликовната уметност при што се користи македонскиот јазик со неговото кирилско писмо и активно вклучување на младите уметници во самиот тој процес на создавање на простори со нов современ лик.
„Проектот ја поттикна и активира независната култура сцена преку промоција и афирмирање на младите демирхисарски уметници што придонесе културата да се дисперзира од поголемите градови во помалите локални средини. Реализацијата на овој проект придонесе за унапредување на соработката помеѓу културните и образовните институции во општината, а тоа во иднина ќе резултира со градење на позитивен однос кон културата и уметноста, а воедно и нови успешни проекти со младинско учество во нив. Муралот ”КНИГИТЕ ,ПАМЕТНИЦИ НА НА МАКЕДОНСКОТО СЛОВО” е истакнување на демирхисарските дејци ,како ,,чувари ,, на македонското слово ,со пишаните зборови преку книгите кои како аманет ни ги оставиле низ македонскуите библиотеки“, вели Колонџоска.„Начинот на искажување на визуелната библиотека и илустриран текст ,естетски се спои со формата на самиот објект.Претставуваше голем предизвик и се надевам на позитивен критички осврт како од обичниот минувач, до критичар-естета. Ефектот е еден и единствен ,освен што го разубавува просторот во целина, едуцира и го запознава народот со демирхисарските(македонски) дејци. Во реализацијата на овој проект беа вклучени повеќе талентирани ученици кои се дел од ликовната секција во ООУ “Гоце Делчев” во Демир Хисар и ученици кои се дел од ликовно творечките активности во СОУ “Крсте П. Мисирков” од Демир Хисар“, додава Колонџоска.
Муралот е насликан на северниот ѕид на Домот на културата “Илинден” во Демир Хисар на простор од околу 100 кв. м.