„Ако постои танц кој ја одразува драмата на машко-женската љубовна игра, вдахната во секоја нота, ритам и движење, тоа е тангото“, стои во описот на КИЦ Офицерскиот дом во Битола, каде синоќа во свечената сала беше одржан концертот „Танго приказна“ со камерниот состав „Агогик “, надополнет со настапот на Владанка Колева и Онур Мок од ,,Центар 213“.„ЈОУ КИЦ Битола и понатаму ќе продолжи со презентирање на врвни македонски и меѓународни уметнички имиња и проекти“, додаваат од КИЦ. Концертот во Битола е дел од турнејата на овој музички состав: Скопје – Битола – Струмица, на која презентираат едно неповторливо музичко искуство. На ова магично музичко патување, публиката е запознаена со извонредниот музички состав “AGOGIC”, чии звуци истовремено разнежнуваат и ги задоволуваат сетилата. Имено “AGOGIC” повеќе од 14 години го збогатува музичкиот свет со своето уметничко изведување кое се чувствува во секоја нота. Камерниот состав е составен од: Филип Петрески на хармоника, Ајхан Куртов на пијано и Пламенка Трајковска на виолина. Досега настапиле на речиси сите македонски сцени и познати манифестации како Скопско лето, Бит фест, Штипско културно лето, Топол културен бран, Кавадаречка културна есен, Велешко културно лето и многу други настапи на концертни сцени во Македонија и концерти во Србија и Грција. На концертот публиката уживаше во прекрасните танго композиции, милонги, валцери од најпознатите композитори на тангото.