Во рамките на проектот за пристапност и инклузија „Мојот музеј-1000 приказни“, Битолскиот Завод и Музеј реализираше инклузивна едукативна работилница со децата од Розета стоун (Rosetta Stone)- училиште за англиски јазик. Децата имаа прилика да го посетат музејот заедно со колешката Билјана Стефановска, а во текот на работилницата учеа зборови на англиски јазик за предметите од поставката. Тие се вклучени во изработката на Инклузивната едукативната алатка „ Мојот музеј-1000 приказни“ уште од самиот почеток. На крајот на креативниот дел од работилницата, децата одлучија дека следниот пат сакаат да се дружат со водичи „пеперуги“ и го замолија Директорот Зоран Николовски да им помогне во текот на цртањето. „Има различни видови пеперуги нели? “ „Да, многу различни. Ќе разговараме за тоа наредната недела“. Повеќе информации за проектот ќе бидат презентирани на крајот на месец ноември. Раководител на проектот: Д-р Ирена Ружин. Поддржано од Министерство за култура.