Како дел од програмата на битолското културно лето БИТ ФЕСТ, вљубениците во театарот на сцената на Народниот театар во Битола, имаа можност да ја проследат театарската претстава „Народен непријател“, во изведба на Македонскиот народен театар.
Оваа претстава е добитник на четири големи наградни признанија на МТФ „Војдан Чернодрински“: наградата за уметничко остварување , наградата за главна машка улога во истоимената претстава за Никола Ристановски, наградата за сценографија за сценографката Вишња Вујовиќ и четвртата награда за рекламен материјал на Димитар Димитров. Режисер на претставата е Нина Николиќ.
Во претставата играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски. Премиерната изведба на претставата беше во мај годинава.
„Народен непријател“, драмата во пет чина од Хенрик Ибзен, прв пат е објавена на 28 ноември 1882 година .Напишана е како одговор по јавниот скандал за неговата претходна драма – „Духови“, која ја критикува хипокризијата и моралот во општеството.
На сцена, својата праизведба ја има во Кристијанија (денешен Осло), Норвешка, на 13 јануари 1883 година. Подоцна истата година е поставена во Хелсинки, Финска; Берген, Норвешка; Копенхаген, Данска и Гетеборг и Стокхолм (Шведска). Подоцна е поставена и во Берлин, Германија (1887); Берн, Швајцарија (1888); Виена, Австрија (1890); Париз, Франција (1893) и во Москва, Русија (1900). Оваа драма е и првата драма од Ибзен која е поставена во Комеди Франсез (Comédie Française), Париз, во 1921 година.
„Народен непријател“ е една од најизведуваните драми од овој автор кој се смета за „татко на модерната драма“. До денес има над 1880 премиери на различни сцени низ светот: Европа, Азија, Африка, Австралија, Северна и Јужна Америка.
За претставата „Народен непријател“, драматургот на претставата Тамара Барачков, вели: „Да се каже денес дека некој класик на драмската литература е актуелен, звучи општо кажано. Но, кога ќе го погледнеме драмскиот текст на Хенрик Ибзен „Народен непријател“ (напишан во 1882 година) фасцинантно е колку допирни точки гледаме меѓу општеството во кое живееме и она кое се врти против доктор Стокман. Во случајот, во оваа претстава актуализацијата, пред сѐ, подразбира изострување на контекстот од каде што ја читаме драмата, без посебни интервенции во самиот текст, кој најмногу останува во својата изворна форма. Драмата совршено кореспондира и со кризата со која нашето општество повторно се соочува — преку исклучувањето на доктор Стокман од заедницата, Ибзен вешто го разоткрива општествениот конформизам и политичкото користољубие, покажува механизам со кој секој поединец што прави обид да зборува за системска неправда, автоматски го карактеризира како предавнички и заговорнички”.
„Народен непријател“ отвора и важна дилема и во актуелните еколошки борби — како да се третира нешто што од една страна е извор на загадување и зараза, а од друга, главен (честопати единствен) извор на приход за поголемиот дел од населението во тој крај? Доктор Стокман е парадигма на современиот ангажиран маж, но тој е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека моменталното жртвување е неопходно, без разлика колку е тоа болно. Можеби на почетокот несвесен за последиците и проблемите што ќе му ги донесе неговиот бескомпромисен став, и покрај ударите што му ги нанесе општеството, предводени од владејачката политичка структура и нестабилните новинари, доктор Стокман низ предизвици и падови, созрева и ги зајакнува, ги освестува и ги зацврстува своите крајни цели.
Големо прашање е како денес да се прочита и да се толкува крајот на претставата. Во време кога, често, системот успева да го сомеле и да го совлада поединецот, предизвик е да се направи возможен и убедлив Стокмановиот оптимизам и одлуката да остане, но подеднакво важно е и прецизно да се дефинира (следната) цел и да се конкретизира полето за понатамошната борба на овој Ибзенов херој.