Home » МНТ го честиташе јубилејот на Битолскиот театар со претставата „Бели ноќи“

МНТ го честиташе јубилејот на Битолскиот театар со претставата „Бели ноќи“

by culturalchat

По повод големиот јубилеј на Битолскиот театар, 80 години постоење, во Битола гостуваше Македонскиот народен театар со претставата ,,Бели ноќи“, во режија на Звездана Ангеловска. Актерската екипа ја сочинуваа:  Ана Јовановска и Дамјан Цветановски. Идејата за создавањето на претставата „Бели ноќи“, како што истакнува режисерката е поттикната од потребата да се создаде камерна театарска сценска верзија според истоимениот сентиментален роман на Ф. М. Достоевски, каде што главните ликови Сонувачот и Настењка, тука се архетипови на две уметнички души сонувачи. Заробени со своите биографии во реалните животи, како што обично тоа се нарекува и судбинско определување на текот на настаните, тие двајцата, се сретнуваат, во текот на неколку вечери, додека траат белите ноќи во Петербург.Тие двајцата, се доверуваат и се препуштаат на сонувањето, во текот на тие средби, без разлика што околностите се заплеткани, особено кога станува збор за љубовта или за идеалната љубов. Од друга страна, самиот автор Достоевски го наметнува прашањето: дали секој човек може да ги следи своите соништа и дали самите си ја даваме таа слобода и го правиме тој избор за да бидеме слободни и автентични? Или се препуштаме на волјата на општествените норми, стереотипи, морални кодекси и граѓански расудувања, каде што сопствените соништа си ги уништуваме, па дури и љубовта си ја продаваме, или стануваме нејзини предавници, за само да бидеме на местото на општоприфатените социјални, морални, граѓански, па и културолошки норми? Дали со тоа несвесно, но сепак неуморно се искачуваме до врвовите на материјалните светови, но по духовноста и слободата остануваме просечни и набрзо остарени, уште во својата младост, следејќи го патот на себенепризнавањето, и неприфаќањето, на сопственото јас? И според делото на Достоевски, а и според претставата, се потсетуваме дека изгледа малкумина ја имаат храброста, но и можноста, да го следат својот сон, идеалот, без разлика каков е, така што улогата на Сонувачот или, анонимниот уметник, во претставата е само пример за тоа, (дури и кога е непризнаен, а може и да е само обична уметничка душа, како што е улогата на Настењка)… дека сепак вреди да се одигра таа улога или да се отсонува тој сон, па макар и за еден миг на блаженство. Тој еден единствен миг на среќа, блаженство, секогаш ќе свети и ниедна тага, болка, прекор или гнев, не ќе може да го растопи. Но, најчесто, уметникот, сонува Сам, па макар и тој Сон да е: да се сретне со Некого.На претставата присуствуваше и битолскиот градоначалник Тони Коњановски со сопругата.За Битолскиот театар режисерката Ангеловска истакна:

„Емотивно сум поврзана со овој театар уште од самите негови почетоци. Сум гледала претстави во старата зграда, го паметам тој момент, првите впечатоци од детството кога влегов во гледалиштето кое го имаше тоа црвено кадифе, мирисот на театарот. Се сеќавам и на моментот кога се изгради новата зграда. Отсекогаш сум била поврзана професионално, пријателски со овој театар. Првата моја награда ја добив токму за претстава, продукција на овој град, Наградата за најдобро актерско остварување „Марина Цветаева“ на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица, за претставата „Повест за Соњечка“ во 2003 г во режија на Благој Мицевски. И ете сега после толку години, претставата „Бели ноќи“ гостуваше на јубилејот на овој театар“.

На театарот режисерката му посака уште многу успешни претставувања.

„Посакувам уште многу успеси на овој театар, и посакувам на младата генерација да ги следи стапките на претходните генерации бидејќи Битолскиот театар ја има таа традиција, отсекогаш ми е асоцијација за еден театар од водечките во Македонија. За тоа говорат многубројните гостувања, награди, посакувам младата генерација да внесе и новитети, посакувам државните структури да ги поддржуваат театрите, посакувам уште многу успешни премиери, публиката да ужива, да продолжи традицијата, посакувам овој град да си го задржи достоинството заедно со културата бидејќи самиот град Битола отсекогаш ми бил најзначаен град во кој културата виреела заедно со театарот“.Сценограф на претставата „Бели ноќи“ е Мартин Манев, костимограф Роза Трајческа-Ристовска, композитор Марјан Неќак, извршен продуцент Симона Угриновска, продуцент Дамјан Цветановски. Второто гостување е денес, гостувањето на Драмскиот театар од Скопје со претставата „Мојот маж” работена по делото на Румена Бужаровска, во режија на Нела Витошевиќ. Третото гостување е на 11.11, понеделник, на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“  од Велес, со претставата „Вечера за глупаци“ во режија на Ненад Витанов. Одбележувањето на јубилејот ќе се заокружи со изведбата на претставата „Ѓоре Магаревски-80 години потоа“, на Битолскиот театар, на 14.11. Претставата е во режија на Благој Мицевски, Софија Ристевска Петрушева и Јован Ристовски.

 

 

Related Articles