Од 2-11.10, во Битола се одржува Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“. Во рамките на фестивалот настапија и младите пијанисти од Државното музичко училиште – Битола и тоа: Димитриј Стојчевски, Анастасија Петреска, Давид Стојчевски, Кристијана Илиевска, Софија Михајловска. Тие изведоа дела од Шопен, Лист, Менделсон, Брамс, Рахмањинов.„Најголем успех за еден наставник е да го види својот ученик како се претвора во вистински уметник“, истакнуваат од Битолското музичко училиште. Годинешното издание на Интерфест беше отворено со концертот на солистите Линда Хедлунд, виолинистка од Финска, и Антонио ди Кристофано, пијанист од Италија, во придружба на битолскиот Камерен оркестар, а на програмата се уметници од: Шпанија, Иран, Италија, Финска, Србија, Босна и Херцеговина, Швајцарија, Франција, Македонија и Австрија.Покрај во Народниот театар, концертите се одржуваат во Центарот за култура, Завод и Музеј и Офицерскиот дом, а на програмата се: рецитали, театарска претстава, ликовна изложба и поетска вечер. Свеченото затворање ќе биде во Офицерскиот дом на 11 октомври со концерт на Камерниот оркестар на Битола и солистот Бертран Жиро на пијано од Франција.