Долгометражниот дебитантски документарен проект поддржан од Агенцијата за филм на Македонија , со работен наслов “I Don’t Want” на Ханис Багашов ја освои главната награда на Al Jazeera Doc фестивалот во Сараево, во категоријата Balkan Star.
Наградата е копродукција во висина од десет илјади евра и ја доделува Al Jazeera Documentary Channel.
Две недели претходно истиот проект ја освои наградата која ја доделува фестивалот во Минхен, Германија, во рамките на Македокс 2023, а минатата година ги освои двете главни награди (Renovabis Research Grant & The Current Time TV Award) за проект во развој на фестивалот goEast во Визбаден, Германија, како и наградата од Documentary Association of Europe – DAE на Белдокс во Белград, Србија.
Краткометражниот дебитантски игран филм со работен наслов ,,Штрајк”, подржан од Агенцијата за филм успешно ја заврши неколкумесечната програма за доразвивање на сценариото, организирана од ShorTS International Film Festival во Италија, предводена од Масимилиано Нардули.
Ханис Багашов е мултимедијален уметник: прави свои филмови за кои пишува сценарија и ги режира, уште како дете почнал со глума во театарски претстави а малку подоцна и во филмови, учествува со свои фотографии на изложби ширум светот, се докажал и во музички спотови.
Багашов со „Скакулци“ ја доби главната награда на „European Short Pitch“.
Багашов беше дел од талентите на Берлинскиот филмски фестивал – Берлинале, а неговиот краток филм ,,Мишко” беше премиерно прикажан на Сараевскиот филмски фестивал во 2018. Овој филм го снимил кога имал 17 години и истиот има освоено над 15 награди. Тука е и краткометражни филм, „Лица“, снимен на негова 15 годишна возраст.