„Во Хрватска доаѓа до природна смена на оперски генерации, која одредени директори навреме ја забележаа. Младите добиваат шанси што пред неколку години не беше случај, но и самата школа на академијата во Загреб има систем кој создава многу добри млади солисти кои веќе на крајот, а некои и порано од нивните студии, можат да застанат на сцена“, вака го започна разговорот со нас младиот и талентиран баритон од Битола, Давор Неќак кој ја доби специјалната награда на Љубљанската опера. Имено тој своето образование после Битола го продолжи во Хрватска, а од неодамна започна да работи во оперскиот ансамбл при Хрватскиот народен театар во Риека.Имено овој театар Давор го посетил уште во 2006 та година, која посета и убавите моменти таму, влијаеле токму своето образоавние да го продолжи во Хрватска. Изминатите години Давор полека но сигурно ја гради својата кариера, ги поставува една после друга скалите кои водат кон успехот, скали кои му носат признанија и водечки улоги во едни од најзначајните дела од класичната музика и го ставаат на листата на еден од најбараните млади баритони во Хрватска. Па така тука се улогите во Ромео и Јулија, Животинска фарма на Игор Куљериќ, Кармен, концертите со Загребачката Филхармонија и многу други. Давор беше номиниран за хрватската театарска награда за извонредни достигнувања на млади уметници до 30 години за улогата на Пандолф.
Битолската публика ќе има можност да го чуе во живо и тоа на концертот кој заедно со пијанистката Горјана Стојановска, ќе го изведе во рамките на Бит фест.
Неодамна ја доби наградата на Љубљанската опера. Што оваа награда значи за тебе?Д.Н- Наградата на Националната Љубљанска опера е улогата на Онегин која ја добив на натпреварот за млади оперни таленти ,,Зинка Миланов’’ во Ријека, Хрватска. За секој млад оперски уметник би била голема чест да се добие главна улога, која воедно ќе биде мојата прва главна улога. Претставата ќе има премиера во Националната опера во Љубљана за сезоната 2022/2023 год.
Улогата на Онегин отсекогаш си сакал да ја играш. Кажи ни нешто повеќе за тоа.
Д.Н- Онегин е еден од најкомплексните ликови во изведувачката литература. Улога, која во текот на операта/романот/претставата доживува многу емоционални и карактерни промени. Што се однесува до операта, прекрасна е музиката која ја напишал Чајковски, точно го одсликува тоа време за кое Пушкин пишувал во самото дело. Обожавам руски репертоар, така да се радувам на ангажманот во Љубљана.
Од неодамна си член на операта во Риека, Хрватска. Што ова значи за тебе?
Д.Н- Голема е шансата која ми ја даде директорот на театарот во Риека, драматургот и режисер Марин Блажевиќ. Реткост е млад студент со само 23 години кој штотуку завршува студии на академија, да влезе одма во професионален оперен ансамбл. Во текот на моите студии настапував во три различни проекти во тој театар, па така ми беа понудени прекрасни улоги за следната сезона и ангажман – без размислување прифатив! Риека е прекрасен град, со извонредни колеги, диригент и оркестар.
Дел беше од годинешното издание на фестивалот Опера селеста. Кажи ни нешто повеќе за ова учество.
Д.Н- Фестивалот Опера селекта го доживеа 14-тото издание оваа година во Трогир, прекрасен мал град во близина на Сплит. На отварањето на фестивалот бевме поканети четири млади и перспективни докажани солисти од својот фах, сопранот Јосипа Билиќ, мецосопранот Емилиа Рукавина, тенорот Филип Филиповиќ, и јас како баритон. Тоа е фестивал со големи оперни имиња како гости во претходните години, а оваа година гостуваше една од најбараните сопранистски во светот Олга Перетјатко. Настапувавме во замокот Камерленго, кој бил изграден во 14тиот век, каде беше инспиративно да се настапува во таков амбиент.
Конечно и битолчани ќе имаат можност да те слушнат и тоа на рециталот дел од Бит-фест. Каков е предизвикот да се настапи пред својата битолска публика?
Д.Н- Да, конечно во Битола после пет години од кога заминав во Загреб на студии. Се радувам што конечно имам прилика да настапам во родниот град, но јас не ја делам публиката на своја или туѓа, сакам само да уживам заедно со нив во салата на Офицерскиот дом.
Концертот во Битола ќе биде на 4.август, во Палатата на уметноста, Офицерскиот дом во Битола, со почеток од 20 часот.Ќе бидат изведени делата на П.И.Чајковски, Џ.Верди, М.Равел, С. Рахмањинов и други.
Што можат посетителите да очекуваат?
Д.Н- Можат да очекуваат разновидна и атрактивна програма на италијански, француски,германски, руски и словачки.
За дипломска избра едно дело кое е предизвик за секој музичар. Зошто токму Кармина Бурана на Карл Орф?
Д.Н- Солистичкиот дел на баритонот во Кармина Бурана е едно од најтешките дела за нашиот фах. Ги бара сите крајности од нашиот глас, и совршена техника за високи тонови скоро како тенор, длабоки баритонски тонови, висок фалсет, различна карактерна интерпретација. Имав два концерти еден за друг ден и беше прекрасно чувство тоа да биде последниот мој проект на музичката академија во Загреб под диригентската палка на Јасенка Остојиќ.
Минатата година го привлече вниманието на јавноста со учеството во музичката опера по делото на Орвел, Животинска фарма. Во продукцијата и изведбата на истото учествуваа 230 студенти од Музичката академија во Загреб, Факултетот за драмски уметности, Академијата за ликовни уметности и Текстилно-технолошкиот факултет. Оперската басна на Куљериќ е комплексен проект под диригентска палка на Младен Тарбук, а во режија на Крешимир Доленчиќ.
Да проговориме за ова искуство.
Д.Н- Животинска фарма е модерна опера од хрватскиот композитор Игор Куљериќ по делото на Џорџ Орвел. Ја играв улогата на стариот Мајор, во концертната сала Ватрослав Лисински. Тоа беше одличен проект кој наиде на одлични критики, и реакции во публиката. Грандиозен проект со повеќе од 200 луѓе на сцена, два и пол саати.
За изведбата на ова дело, Музичката Академија ја доби наградата „Ватрослав Лисински“, која ја доделува Хрватското друштво на композиторите за допринос кон хрватското музичко творештво. Во образложението за наградата, меѓу другото, пишува: „Со изведувањето на ова оперско дело на Игор Куљериќ, Академијата ја истакна важноста на современиот репертоар на хрватската музика, како дел од наставната програма за образование, особено истакнувајќи и давајќи му значење во рамките на својата јубилејна програма. Музичката академија на тој начин освои бодови во однос на образованието, продукцијата и програмирањето, изведувајќи проект чија вредност заслужуваше втора изведба многу порано, по можност во рамките на професионален театар. Проектот Animal Farm, спроведен целосно од студентски сили во тесна соработка со ангажирани ментори, успешно ја круниса 100-годишнината од Музичката академија во Загреб во целосна смисла“.
Она што го привлече вниманието беа и тешките костими. Колку беше предизвик и напорно да се игра во нив?
Д.Н- За облекување на костимите и ставање на шминката секој солист требаше барем саат време припрема. Костимите за среќа не беа тешки, али беше доста топло да се игра во таков костим од неколку кила.
Каква беше соработката со едно врвно име како Доленчиќ?
Д.Н- Крешо Доленчиќ е многу нормален лик кој живее за театарот, живее да работи со млади луѓе, и има некоја посебна магија и енергија како човек која ја пренесува во неговите представи.
Музичката критика за Неќак пишува: „ Во однос на изведбата, треба да го издвоиме Давор Неќак, кој апсолутно покажува исклучителен вокален и актерски потенцијал. За разлика од главните улоги, неговата сценска игра се одвива многу подлабоко во сценскиот простор“.
Каква е оперската сцена во Хрватска, со оглед на тоа што музичката критика е наклонета кон младите сили кои допрва доаѓаат?
Д.Н- Во Хрватска доаѓа до природна смена на оперни генерации, која одредени директори навреме ја забележаа. Младите добиваат шанси што пред неколку години не беше случај, но и самата школа на академијата во Загреб има систем кој создава многу добри млади солисти кои веќе на крајот а некои и порано од нивните студии, можат да застанат на сцена. Јана Халуза е новинар и музиколог кој будно ги прати и поддржува младите таленти, која дефинитивно заслужено не промовира.