Home » Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска ги посети македонската амбасада и лекторатот во Будимпешта

Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска ги посети македонската амбасада и лекторатот во Будимпешта

by culturalchat

Во рамките на својата работна посета на Будимпешта, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, ја посети Амбасадата на Република Македонија во Унгарија и Лекторатот по македонски јазик. Претходно таа беше дел од Самитот на министри за образование, иновации и култура на земјите од Западен Балкан и Унгарија, а во чиј фокус е унапредување на соработката во овие области помеѓу земјите учеснички.„Самитот е уште еден исчекор кон јакнење на релациите меѓу земјите од Западен Балкан. Размената на искуства решава предизвици и ни ја подобрува меѓународната конкурентност како регион. Од друга страна пак, повисоката цел е јакнење на соработката со Унгарија и со Европската Унија“, рече Јаневска.

„ Имавме навистина конструктивна средба, според мене многу успешна, во која се договоривме за заедничка поддршка и соработка, што е за Македонија исклучително значајно. На мое големо задоволство беше прифатен и еден мој предлог, во иднина да организираме конференција на нашите водечки универзитети и научни институти од земјите од Западен Балкан и Унгарија, од кои се очекуваат нови иницијативи за воведување на заеднички студиски програми (двојни дипломи) и истражувачки проекти. Со ова уште повеќе се развива таа соработка, која постои билатерално или мултилатерално, но сега сакаме да ја развиеме на едно повисоко ниво,  за да имаме поголеми заеднички успеси и во образованието, се разбира, и во науката, и иновациите, се она што претставува високо образование, наука, иновација, за подобар напредок на тој дел од општеството“.Министерката нагласи дека македонската влада основаше Национално координативно тело за реформи во високото образование, кое ќе ги дефинира промените што ќе го забрзаат неговиот развој. Како што рече, во план е промена на моделот на финансирање на високообразовните установи и законски измени за објавување на повеќе научни трудови како услов за напредување во звања кои пак, истовремено ќе го подигнат и рејтингот на нашите универзитети на глобалните ранг листи. Ќе се стимулира модернизација на постојните студиски програми, како и воведување повеќе програми на англиски јазик. Јаневска имаше средба и со генералниот директор на Одборот за акредитација на високото образование на Унгарија, Петер Левенте Лакатос кој изрази отвореност за соработка и поддршка на заложбите на македонската Влада за унапредување на квалитетот на националниот високообразовен систем.„За мене беше една исклучително значајна и конструктивна средба, да размениме искуства, всушност, јас повеќе да разберам за структурата на нивниот одбор за акредитација, начините на кои работат, принципите кои ги почитуваат, членството во Европските акредитационни тела, уште еден многу успешен и конструктивен состав. Сметам дека унгарското искуство со реорганизирање на Одборот за акредитација на високото образование кој е основан во 1993 година, но реформиран во поново време, може многу да ни помогне во насока на подигнување на ефикасноста и ефективноста во работењето на нашиот Одбор“.За министерката Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта е центар на македонистиката во оваа светска метропола.

„Убаво е чувството кога ќе видиш дека студенти од Унгарија, но и од Украина и од Кина се радуваат на секој правилно изговорен збор на македонски јазик“, истакнува таа и додава:

„ Се видовме со професорот Златко Панзов и со неколку студенти од различни земји кои го изучуваат македонскиот јазик. Поразговаравме за нашата татковина Македонија, за македонскиот јазик, за мотивите кои ги натерале да го учат македонскиот јазик, за тоа каде ја гледаат својата иднина,  изучувајќи го, како дел од нивното останато образование. Ценам дека ова е многу успешна средба со сите нив и понатаму ќе создаваме соработка на сите овие полиња, особено со Унгарија како држава“.

Инаку за прв пат еден министер од Македонија, го посетува Лекторатот, кој што постои 37 години. За значењето на истиот проф. Јаневска рече:

„ При посетата видов дека е еден од најуспешните на факултетот, со што се гордеам и му благодарам на професорот Панзов, видов дека има интерес меѓу студентите, дека тој навистина одлично си ја работи својата работа. Истакнувам благодарност и гордост од моја страна, што имаме такви луѓе кои во светот го промовираат нашиот јазик и нашата култура, а секако на тој начин го шират и чудаат нашиот идентитет. Секако и тоа е исклучително значајно, тоа е еден начин за промовирање на државата и воспоставување,  одлични добри релации со останатите држави, што за секоја држава е многу важно, бидејќи Унгарија е во Европската Унија,  таа е голема, моќна земја, нас такви пријатели ни се потребни. Со задоволство разменуваме искуства, бидејќи и ние имаме што да размениме, без оглед на тоа што сме помала земја, еве како што гледате, најдовме полиња на заедничка соработка на обострано задоволство.

Посетата во Будимпешта заврши со посетата на македонската амбасада, во која министерката беше пречекана од Михајло Жеваировски, советник и вршител на должност во амбасадата и Ненад Младеновиќ, првиот секретар.

„ Без постоењето на амбасадите, цела оваа соработка би била потежок процес. Амбасадите го олеснуваат сето тоа, зборуваме конкретно сега за образованието, но секако е познато во јавността, дека тие имаат и многу други задачи, и економски особено. Многу ми е драго и многу сум задоволна што имам прилика да ги запознам луѓето од амбасадата, тие многу срдечно ме пречека, на што им благодарам, но јас ке пренесам срдечни поздрави во Македонија од нивна страна“.

 

Related Articles