Во рамките на 57-миот по ред Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура кој што се одржува во Охрид, за прв пат годинава се воведени и други дејности од македонската култура. Љубителите на филмската уметност имаа ретка можност да уживаат во дел од збирката на браќата Манаки, првите слиматели на Балканот. Оваа збирка е од исклучително значење и е дел од македонското филмско наследство. Филмскиот опус го презентираше Мими Ѓоргоска Илиевска, вонреден професор на факултетот за драмски уметности и советник во управата за заштита на културно наследство, актуелен директор на Македонскиот културен центар во Загреб.„Прекрасно, студиозно и агрументирано, со богати визуелизации – претставување на дејноста на славните браќа Манаки, од страна на Ѓоргоска-Илиевска која на брилијантен начин им ја долови на македонистите мисијата на браќата Манаки, суштината на нивната дејност, каква технологија на работа практикувале, како се заштитува кинотечниот материјал, кои институции се надлежни за сочувување на оваа драгоцена кинематографска архива, итн.“, истакна проф. д-р Кристина Николовска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.Преку раритетна кинематографска документација која најдобро може да говори за дејноста, идеите, намената, естетиката, професионалноста и авангардноста на браќата Манаки, македонистите можеа да се запознаат со пошироката слика за Битола и за други градови, локалитети и објекти, а преку автентичен материјал, беше прикажана пошироката општествена, образовна, културолошка, социјална слика. „Незаборавно, автентично, прекрасно аргументирано, сугестивно“, такви впечатоци создаде ова значајно предавање на проф. м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, врвен посветеник на кинематографијата во македонскиот контекст, развивајќи богата меѓународна и домашна активност во овој домен.Претставувањето беше драгоцен прилог кон новиот концепт за поголема афирмација на културологијата, а предизвика голем интерес кај македонистите од сиот свет. Мими Ѓоргоска-Илиевска (1972) повеќе децении работи на полето на филмската архивистика и промовирањето на националната кинематографија. Најпривин како филмолог, виш филмолог и директор на Кинотеката на Македонија, потоа како директор на Агенцијата за филм на Македонија, но и како Советник за библиотечни, аудиовизуелни и фонотечни добра во Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура.Таа е автор да на повеќе текстови објавени во домашни и странски списанија, професор и предавач, а во повеќе мандати беше и македонски претставник во неколку меѓународни организации и тела ((FIAF, ACE, Euroimage, Eureka Audiovusual,, итн.) фокусирани на креирањето стратегии и политики за зачувување на европското и светското аудиовизуелно наследство.