Со доделувањето на наградите во ХНК. Сплит завршија 33-те „Денови на Марулиќ“, фестивалот на хрватската драма. За наградите одлучуваше жири во состав: телевизиската новинарка и уредничка Зринка Туралија, актерката и режисерка Анастасија Јанковска, актерката Перица Мартиновиќ, театарскиот критичар, новинар и писател Томислав Чадеж и новинарот и публицист Дамир Шарац. Наградата „Марул“ за најдобра режија ја доби битолчанецот Марјан Неќак за претставата „Кабаре Каспар“ од Тена Штивичиќ во продукција на Словенечкиот народен театар од Љубљана.
Според објаснувањето на жирито: „Неќак режираше малку апстрактен текст кој беше претставен како еден вид мјузикл изведен од инспирирани актери. Цврстото темпо, одличната синергија на сцената, костимите, светлото и музиката ја прават оваа претстава суверена во својот израз и моќна по својот впечаток“.
Се работи за претстава во која авторот зборува во стилизирана форма, низ ритмички говор и рима, за моментот во кој живееме и кризите на денешното општество. Претставата „Кабаре Каспар“, под која Неќак се потпишува и како композитор, е жанровски хибрид на трагикомедија и привлечна драма, која зборува и за денешниот свет и блиската иднина преку хумор и самоиронија.
Во претставата играат актерите Барбара Церар, Саша Табаковиќ, Ива Бабиќ, Пиа Земљич, Урош Фурст, Бенџамин Крнетиќ, Нина Валич, Клемен Јанежиќ и Јанез Шкоф. Оваа година на фестивалот „Денови на Марулиќ“ на публиката и беа понудени 11 драмски дела работени по хрватски драмски текстови, во продукција на театри од Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија, по избор на селекторката Ким Цуцулиќ.
Наградата „Марул“ за претставата во целина ја освои претставата „55 квадрати“ од Ивана Вуковиќ, во режија на Иван Плазибат, а во продукција на ХНК Сплит.
Наградата за современ драмски текст на фестивалска претстава и припадна на Петра Цицвариќ за драмата „Семафор“ во режија на Пеџа Гвоздиќ во продукција на Градскиот театар Зорин дом, Карловац. Наградата за најдобра драматургија на претстава отиде во рацете на Роман Николиќ, Оља Лозица, Анита Матиќ Делиќ и Фран Машковиќ за нивната заедничка работа во изградбата на ликови и драматургијата на претставата „На дното на океанот постојат некои светови“ од уметничката организација Артеариј, Загреб. Наградите за најдобри актерски остварувања отидоа кај Аријана Чулина и Стипе Радоја.Добитници на „Марул“ за најдобро уметничко остварување се Фране Машковиќ и Анита Матиќ Делиќ. Беше доделена и награда од публиката ( за претставата на Сплитскиот театар PlayDrama ” Така Бог ни помогна“), како и наградата на весникот Слободна Далмација, која отиде во рацете на актерот Стипе Јеласка. Жирито во оваа категорија беше во состав Петар Милета, Дражен Домазет, Мирел Вргоч, Жељка Зорица и Домагој Линдингер.
Наградите „Марул“ на лауреатите им ги врачи членот на жирито Зринка Туралија. Изработката на истите се дело на скулпторот Кажимир Храста, а наградата од Слободна Далмација ја изработи уметничката Нивес Чичин Шаин. Неќак беше единствениот македонски режисер на овој фестивал. Ова не е прва награда за него добиена на овој фестивал, имено пред неколку години тој беше добитник на наградата „Марул“ за најдобро уметничко остварување, за претставата „Девојчето со жиците“.
33.издание на фестивалот, кој го организира Хрватскиот народен театар Сплит под покровителство на Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, општина Сплит и Сплитско-далматинската жупанија, го прогласи за затворен заменикот на жупанот Стипе Чогеља. Во чест на наградените беше изведена претставата на сплитскиот ХНК.„ Во малата влегол ѓаволот“според делото на Тисја Кљаковиќ Браиќ.
Фотографии: Слободна Далмација и фестивал Денови на Марулиќ