Home » Марко Виденовиќ септет ги раскажа „Битолските приказни“

Марко Виденовиќ септет ги раскажа „Битолските приказни“

by culturalchat

Прекрасните битолски приказни кои низ годините извирале и се раскажувале низ градските сокаци, преку прекрасни композиции беа пренесени пред битолската публика на концертот на Марко Виденовиќ – септет.

Битола, како главна инспирација за творештво беше претставена низ програмските композиции „Bitola stories“, „Безистен“, „Рингишпил“, „The town is dead“, „Лечебна“, „Old bazar“, „Драгор“, „Понекогаш на тебе помислувам“, „Around the town“, „Кленовец“. Композициите се инспирирани од детството на Виденовиќ, како и неговите подоцнежни години, поминати во Битола.

Септетот кој како дел од програмата на БИТ ФЕСТ, одржа концерт во Офицерскиот дом го сочинуваат професионални музичари кои се редовни членови при Македонската филхармонија и Македонската опера и балет и тоа: Марија Јакимовска – флејта и алт флејта, Владимир Лазаревски – обоа и англиски рог, Игор Бакревски – кларинет и бас кларинет, Паскал Краповски – виолончело, Кристијан Кожумановски – контрабас, Благоја Антовски – тапани и Марко Виденовиќ – виола и пијано.

Како специјален гостин на концертот настапи Никола Ристевски на бас тромбон.

Виденовиќ повеќе од дваесет години е дел од Македонската филхармонија, неколку години како водач на групата виоли што воедно претставува исполнување на неговиот сон  да биде дел од оваа прекрасна институција која ја доживува како свој втор дом.

„Сум бил член на повеќе помали и поголеми состави, но повеќе години сум член на гудачкиот квартет Бревис и Мјузик Прогресив квартет. Музиката за Мјузик Прогресив квартет-МПК е моја авторска музика во која големо влијание имаат и останатите членови со кои сме добри пријатели пред се, па можеби и затоа функционираме повеќе од десет лета Господови, создавајќи нешто што има добра прифатеност во и надвор од нашата држава“, изјави Марко.

 

Related Articles