Home » Македонските филмови на Филмскиот фестивал „Балкан Панорама“ во Измир

Македонските филмови на Филмскиот фестивал „Балкан Панорама“ во Измир

by culturalchat

Деветотто издание на „Балкан панорама филмскиот фестивал“ се одржува во Измир од 19- ти  до 25- јануари и е поддржан од турското Министерство за култура и туризам, како и од локалната самоуправа на Измир и се одржува во измирската Општина Каршијака. Во ова издание ќе бидат прикажани над 150 филмови, а селектираните филмови доаѓаат од неколку земји и тоа: Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Италија,Црна Гора, Косово, Македонија, Унгарија, Молдавија, Романија, Србија,Словенија, Турција и Грција.

„ Продолжуваме да го одржуваме жив балканскиот дух преку киното“, е идејата и оваа година на фестивалот, мотото на основачот и директорот на фестивалот професорот Сали Салини.

Во главната натпреварувачка категорија за интернационали филмови се и македонските : Филмот на Иво Трајков , неговото најново остварување наречено “Piargy”, впечатливо кинематографско дело работено во црно-бела техника. Истиот веќе освои преку осумдесет меѓународни филмски награди, а критиката го опишува како исклучително дело. Македонската премиера беше во јуни минатата година, а за музиката беше задолжен Кирил Џајковски.

„Кајмак“ на Манчевски- Македонско-данско-холандско-хрватска копродукција, поддржана од Еуримаж, кој ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио, во ноември 2022, а потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, САД, Холандија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Албанија итн. „Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија во 2022 година и е еден од најуспешните македонски филмови и со најширок пласман во светот.

За наградата „Дарио Морено “се натпреваруваат: филмот на Кристијан Ристески „Снежана на крајот умира“. Социјална драма во амбалажа на комедија на апсурд, која се занимава со тоа колку е ужасно тешко да се остане чесен и верен на своите принципи во морално корумпирана средина. Филмот е составен од 3 испреплетени приказни .

„Мими“ на Даријан Пејовски. Улогите ги толкуваат: Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други. Кинематографер на филмот е Дејан Димески, сценографијата е на Игор Тошевски, костимографијата е на Емилија И. Атанасовска. Александар Пејовски е автор на оригиналната музика. Филмот е копродукција на „Скопје Филм Студио“ со Maxima film од Хрватска и Giggling goat production од Црна Гора, и истиот е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Македонија, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора. Беше прикажан на Синедејс, на 69. Филмски фестивал во Пула и други фестивали.

Во категоријата за кратки филмови е македонскиот филм на Гоце Трајковски  „Досие иднина“.  Освен тоа специјална проекција има за филмот на Јани Бојаџи „Кино љубов“, како и за „Те дуа жими мене“ на Марјан Гавриловски и „Иглата-мојата тајна градина“на Мерита Сали.  Во категоријата за краток филм проекции ќе има на филмот на Лидија Мојсовска „ Само ѓаволот ја мрази водата“, „Шеќерни луѓе“ на Сузана Диневски.

Наградата „Жолт чадор“ која е симбол на овој фестивал ќе биде доделена во 11 категории, а победниците ќе бидат прогласени на затварањето на фестивалот. Филмскиот фестивал „Балкан Панорама“ служи како мост меѓу Турција и Балканот во контекст на кинематографијата. Фестивалот е основан од Универзитетот Докуз Ејлул, Факултет за ликовни уметности, Катедрата за филмска режија, проф. д-р Сали Салини во 2015 година и оттогаш се организира во Измир. Дел од македонската делегација на свеченото отварање на фестивалот беше професорот и актер Атила Клинче.

Да се потсетиме на 8- то издание на овој фестивал на македонскиот актер Мето Јовановски му беше доделено највисокото признание за Почесен гостин на фестивалот,  за неговиот придонес во филмската уметност, а во чија чест беше прикажан култуниот филмот „Тетовирање“ на режисерот Столе Попов.

Во чест на македонската кинематографија на 9 -тото издание на фестивалот прустините ќе се потсетат на: „Тетовирање“, „Пред дождот“, „Големата вода“, „Војната е готова“, „Панкот не е мртов“, „Трето полувреме“, „Џган“, „Медена земја“, „Сестри“, „Незабравна пролет во заборавеното село“.

Уште неколку фотографии од свеченото отварање во продолжение:

 

Related Articles