Home » Македонскиот филм „Piargy” на Иво Трајков со три награди на 9.Балкан панорама фестивал во Турција

Македонскиот филм „Piargy” на Иво Трајков со три награди на 9.Балкан панорама фестивал во Турција

by culturalchat

Со доделување на наградите „Жолт чадор“, свечено беше затворено 9-то по ред издание на Интернационалниот филмски фестивал „Балканска панорама“ во измирската општина Каршијака, Турција. Овој фестивал кој во својот советодавен одбор има уметници како Лазар Ристовски, Раде Шербеџија, Игор Гало, легендата на турскиот театар Едиз Хун и други, се фокусира на балканското филмско остварување. На годинешното издание се стави посебен акцент на македонската кинематографија. Посебно признание за Почесен гостин на фестивалот за неговиот придонес во филмската уметност му беше доделено на актерот Петар Божовиќ.„Балканска панорама“ е мост на соработка на поле на филмската уметност помеѓу Турција и Балканот и е поддржан од турското Министерство за култура и туризам, како и од локалната самоуправа на Измир. Фестивалот е основан од Универзитетот Докуз Ејлул, Факултет за ликовни уметности, Катедрата за филмска режија, проф. д-р Сали Салини во 2015 година и оттогаш се организира во Измир.

Директорот Салини ни изјави дека е среќен што и ова издание помина во најдобар ред, дел од учесниците си заминуваат дома со награди и се надева на уште долги години успешна соработка со сите. Додаде дека и понатаму ќе продолжат да го одржуваат жив балканскиот дух преку киното.

Официјалната награда „Жолт чадор“,која е симбол на овој фестивал беше доделена во 12 категории. Па така во интернационалната категорија за долгометражен филм на 9.издание на филмскиот фестивал „Балкан панорама“, наградата за најдобар филм ја понесе филмот на Иво Трајков “Piargy”, ( македонскиот наслов на филмот е „Некрстени денови“), а Трајков беше прогласен и за најдобар режисер. Јудит Бардош се закити со наградата за најдобра актерка.

Најновото остварување на Трајков, впечатливото кинематографско дело работено во црно-бела техника, кое веќе освои преку осумдесет меѓународни филмски награди, а критиката го опишува како исклучително дело, ја воодушеви публиката, но и жирито на Турскиот фестивал.За музиката во филмот беше задолжен Кирил Џајковски. Филмот е во словачко-македонско-чешка копродукција. Признанијата ги подигна продуцентката на филмот Силвија Панакова, а и ги предаде директорот на фестивалот Сали Салини.

Покрај филмот на Трајков во главната натпреварувачка категорија за интернационални филмови беше и „Кајмак“ на Манчевски.  За наградата „Дарио Морено “се натпреваруваа: филмот на Кристијан Ристески „Снежана на крајот умира“, „Мими“ на Даријан Пејовски. Во категоријата за кратки филмови беше македонскиот филм на Гоце Трајковски  „Досие иднина“. Специјални проекции имаа: филмот на Јани Бојаџи „Кино љубов“,„Те дуа жими мене“ на Марјан Гавриловски и „Иглата-мојата тајна градина“на Мерита Сали.  Во категоријата за краток филм проекции имаа: филмот на Лидија Мојсовска „ Само ѓаволот ја мрази водата“, „Шеќерни луѓе“ на Сузана Диневски.

На свеченото затворање присутни беа бројни гости претставници на дипломатскиот кор во земјата, министерствата и општините, филмски институти, а од Македонија и продуцентот на „Кајмак“ Јане Ќортошев.

Како претставник од Македонија на отварањето беше и професорот и актер Атила Клинче кој го подигна признанието за Македонија како земја гостин на фестивалот.

На 9.издание беа прикажани над 150 филмови, а селектираните филмови беа од неколку земји и тоа: Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Италија,Црна Гора, Косово, Македонија, Унгарија, Молдавија, Романија, Србија,Словенија, Турција и Грција.

Во чест на македонската кинематографија на 9 -тото издание на фестивалот присутните се потсетија на: „Тетовирање“, „Пред дождот“, „Големата вода“, „Војната е готова“, „Панкот не е мртов“, „Трето полувреме“, „Џган“, „Медена земја“, „Сестри“, „Незаборавна пролет во заборавеното село“. Балкан панорама се одржуваше од 19- ти  до 25- јануари.

Во продолжение уште неколку фотографии од свеченото затворање на фестивалот.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles