Македонскиот филм “М“ на режисерот Вардан Тозија, во продукција на “Фокус Покус“, освои две престижни награди на интернационалниот филмски фестивал “Макабро“ кој се одржува во главниот град на Мексико, Мексико Сити. Вардан Тозија ја понесе статуетката за Најдобра режија во официјалната селекција, а филмот ги освои и срцата на публиката и се здоби со признанието Награда на публиката, во земја каде остварувањата во полето на фантастиката и магискиот реализам имаат посебна улога во сите културни и уметнички сфери.
Макабро е најстариот жанровски фестивал во Мексико, и вториот најстар фестивал од овој тип во Латинска Америка. Поддржан е од градот Мексико Сити, Мексиканскиот Филмски Институт, Кинотеката на Мексико и Националниот Универзитет на Мексико, создавајќи еден од најзначајните филмски настани исполнети со обемна програма на краткометражни и долгометражни жанровски филмови, работилници и панел-дискусии.
Филмскот фестивал Макабро низ годините се етаблира како културен промотор и константен магнет за младата публика пред која се презентираат филмски остварувања од доменот на фантастика, хорор, трилер, но низ посебен авторски печат и наративен израз.
“М“ ја продолжува својата фестивалска турнеја со британска и косовска премиера – во официјалните селекции на интернациналниот филмски фестивал “Гримфест“ во Манчестер, британскиот преставник на фестивалската групација Мелиес; и Интернационалниот Филмски фестивал Прифест во Приштина, најголемиот косовски фестивал што низ годините се етаблира како еден од водечките во регионот.