Синоќа, во рамките на 55. издание на фестивалот „Илинденски денови“, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ приреди концерт што секогаш ја надминува дефиницијата на сценски настап.
Под насловот „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, ансамблот ја претстави својата најнова продукција – композиција на избрани кореографски слики и музички мотиви од различни етнографски региони на Македонија. Од динамизмот на Повардарјето, преку тежината и достоинството на ората од западниот дел, до разиграните гласови од источниот предел, концертот беше силна репрезентација на хоризонталната разновидност и вертикалната длабочина на македонското народно творештво.
Етнографската вредност на ваквите продукции е непроценлива. Преку прецизна сценска реконструкција, „Танец“ ги оживува изворните носии, танцови фигури, вокални стилови и инструментални форми, не како артефакти, туку како органски дел од колективната култура што продолжува да живее. Концертот беше токму тоа, фрагмент од традицијата, пренесен преку телото и гласот на современите изведувачи, со респект кон изворниот контекст, но со целосна сценска современост.
Преку фолклорот, како симболички систем, се изразуваат вредностите, идентитетите и емоциите на една заедница. Токму затоа, настапите на „Танец“ не се само уметнички – тие се и антрополошки документ, естетски настан и социјален наратив. Настанот заврши со стоечки овации, но останува во меморијата како потсетник: фолклорот не е минато, туку алатка за културна свест, социо-историско самопрепознавање и живо национално ткиво што продолжува да пулсира. Денес за утре, како што е впрочем и слоганот на годинешното 55. издание на фестивалот Илинденски денови.
55. „Илинденски денови“ продолжуваат со врвна фолклорна продукција во срцето на Битола. Следува и традиционалниот спектакл на улиците на Битола. Утре, со почеток во 18:30 часот, низ Широк Сокак ќе се одржи големото дефиле со кое симболично ќе се означи официјалниот старт на 55. издание на „Илинденски денови“ со интернационални фолклорни групи и домашни културно-уметнички друштва, носејќи ја магијата на фолклорот директно меѓу луѓето, на улицата како сцена, каде традицијата најавува: „Стигнавме, и тука ќе играме“.
Фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски
previous post