Home » Македонската традиција продолжува-ексклузивно со триото Трифоника за „Македонско девојче“

Македонската традиција продолжува-ексклузивно со триото Трифоника за „Македонско девојче“

by culturalchat

Во свечената сала на Офицерскиот дом во присуство на голем број на посетители, Државното музичко училиште Битола со величенствен концерт го одбележа 77 годишниот јубилеј на постоење на оваа значајна образовна институција, која е заслужна за плејада на врвни музички имиња и настани со значајно место како во историјата и идентитетот на Општина Битола, така и на Македонија. Посебно внимание привлече настапот на триото Трифоника во кое членуваат професорките: Јана Четелева Белевска, Марија Шамоска Буџаковски и Елена Ѓоргиева, премиерно го изведоа делото „Варијации на тема Македонско девојче“ на битолскиот професор и композитор Вангел Мажевски. Тие со нас ги споделија впечатоците од премиерната изведба на делото.

Какво е чувството после премиерната изведба?

Елена Ѓоргиева: Со оваа изведба сакавме да одбележеме 60 години постоење од Македонско девојче во народната култура и да оддадеме почит на двајцата наши сограѓани Јонче Христовски кој го напиша текстот и Виолета Томовска која ја испеа. Тоа ни донесе испреплетени чувства на возбуда и ентузијазам. Воедно сакавме да се оддолжиме на таа традиција, започната од првата генерација на повоени композитори ( Чешмеџиев, Прокопиев, Скаловски и др.) која создава спој на традиционалната и класичната музика, за чиј најблескав пример денес претставува Симон Трпчески. ТРИФОНИКА за првпат оствари соработка од ваков тип и му благодариме на композиторот В. Мажевски за тоа што ни го посвети ова негово дело. Оваа соработка сигурно ќе продолжи и правецот ќе се одредува од заедничката инспирација. Оваа изведба ме врати на иницијалниот ентузијазам на формирањето на триото. Се трудиме жарот што го носи класичната музика да го одржуваме и пренесме пред публиката.

Што значи изведувањето за трио на еден инструмент на оваа композиција?

Марија Шамоска Буџаковски: Преработката на композицијата ” Македонско Девојче” , во изведба на Триото Трифоника – пијано трио 6 раце, со класичен хармонски стил во нејзината фактура, беше чисто задоволство и уживање да се изведе. Предизвикот ова дело да се свири на еден инструмент беше огромен, но композиторот мајсторски успеа преку изворното и класичното, со испреплетување на џез акорди и полифонија, на крај бравурозно да направи кулминација и со сета оваа содржина да донесе едно прекрасно ново дело, кое што ние како трио имавме чест да го претставиме премиерно пред публиката.

Колку е важна промоцијата на македонски композитори во и надвор од државата?

Вангел Мажевски: Искрено, главниот мотив за пишување на ова дело, е дека е посветено за Триото Трифоника. Успешни пијанистки и професионалки во својот домен кои со посветена работа придонесуваат за промоцијата на музиката воопшто. Нивната изведба во рамки на манифестацијата за 77 годишнината на Државното музичко училиште во Битола беше додатна мотивација за мене. Секој автор сака своето дело да го чуе како се изведува, особено во ваква манифестација. Самата изведба на делото, насочува на нејзина промоција.

Елена Ѓоргиева: Промоцијата е основен начин да се допре до пошироката публика. Кога ќе размислиме за целиот процес што стои позади еден хит или вест која станува секојдневна тема, ја разбираме и важноста на промовирањето. Денес во сите области од музиката имаме отворени меѓународни врати благодарение на пожртвуваноста на одредени фигури (Стефановски, Трпчевски, Есма, Проевски и многу други) и тоа треба да се надградува. Воедно гледаме дека надвор тоа се вреднува, по кое сме препознатливи, односно со дела кои носат белези вкоренети во нашата традиција. По тоа сме и ценети. Промоцијата создава судир на мислења и критика потребна за творештвото. Нормално, на крај ќе опстои она дело каде композиторот дошол до својот највисок степен на уметничко изразување без разлика дали тоа е препознаено или не во актуелниот период на неговото создавање.

Колку е значајна од друга страна и промоцијата на македонски песни и композиции во ново руво денес?

Вангел Мажевски: Делото се повикува на тематски елементи од нашето поднебје, а формата всушност претставуваа таа, западно европската формално-хармонска музика. Случајот е ист како и кај една сериозна лепеза на композитори кои на ист начин се повикувале на теми од нивната народна музика и нивниот фолклор. Всушност ова е еден обид да се дозбогати таа светска музика со други теми кои потекнуваат од еден регион во светот како нашиот и кој може да направи едно освежување. Да не зборуваме веќе и за недоволно напишаните дела за клавир за 6 раце во која било насока на развој на музиката, каде ова дело исто така придонесува со нејзиното постоење.

Марија Шамоска Буџаковски: Нашиот изворен идентитет мораме да си го зачуваме. Ако секој во својата област со сите средства кои ги поседува се обидува да го чува, јакне и негува нашето традиционално и изворно, мислам дека тоа е она вистинското не само за нас, туку и за генерациите кои доаѓаат. Морам да нагласам дека не случајно ја одбравме токму оваа македонска изворна песна за да се преработи во класичен стил. Песната ја напишал Јонче Христовски кој што е од Битола, ја интерпретирала Виолета Томовска, која исто така е родена во Битола, за сега битолски композитор да ја преработи и да ја изведе триото Трифоника во чиј состав се три битолски пијанистки. Значи поврзаноста со Битола е целосно потврдена, а ние како трио ќе се потрудиме не само оваа композиција поврзана со нашиот роден град, туку и други изворни композиции од богатата македонска музичка ризница да ги изведеме во модерен класичен стил кој што ќе внесе свежина и поразличен поглед кон класичната музика и кој во ова време е потребен за нашето традиционално богатство од една страна да се задржи, од друга да се доближи до младите на модерен начин и на крај да се презентира и надвор од нашата држава поради промоција на македонската традиционална музика и македонскиот ритам, кој секогаш предизвикува воодушевување и огромен респект.

Кои се плановите на Трифоника за оваа година?

Јана Четелева Белевска : Плановите на Трифоника за оваа година се солистички концерти на домашна и меѓународна сцена. Она што е интересно е дека нашата соработка со композиторот Вангел Мажевски продолжува, и следните наши проекти ќе бидат со музика која е специјално пишувана за нашето трио. Заедничкиот проект со Мажевски изобилува со оригиналност, иновативност и спој на македонскиот фолклор со денешните модерни хармонии. Продолжуваме да ја негуваме и афирмираме македонската музика, нашиот фолклор што ќе остават силен белег на музичкото небо , а ние како три девојки на сцената сакаме да ја прикажиме и поддржиме борбата на жените уметници на сцената.

 

 

Related Articles