23 ти април е денот кога се одбележува Светскиот ден на книгата и авторското право, востановен од УНЕСКО во 1995 година. Овој датум се одбележува секоја година во целиот свет на 23 април како симболичен датум во светската книжевност бидејќи токму овој ден е поврзан со брилијантните личности на пишаниот збор како Мигуел де Сервантес, Вилијам Шекспир, Лопе Де Вега. Идејата се заснова на стариот каталонски обичај да се подари книга и роза.
Македонската порака за настанот ја напиша проф. д-р Ана Стојаноска, а светската е од Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО.
Стојановска е театролог, писателка, редовна професорка на ФДУ – Скопје.
Бескрајниот свет на зборовите
Светот на книгите е светот на бескрајните можности. Светот на книгите, заедно со светот на уметностите е непроценливата смисла на човековото постоење. Во книгите се скриени сите одговори, дури и оние на непоставените прашања. Книгите постојат од првите човекови обиди да се раскаже приказната, да се напише одредено сведоштво, да се остави трага низ вековите. Книгите се создавале и се пишувале, но пред сѐ, се чувале за да бидат дел од колективната оставнина на човештвото. Книгите ни се многу потребни денес. Посебно денес! Кога светот станува нетрпелив, брз, дефокусиран, кога не се чита толку многу, кога се пишува непотребно многу, кога вредностите се изменети, кога човештвото се наоѓа толку близу до сопственото уништување. Книгите ни требаат на сите. На малите деца, да го научат и да го проучат светот што го среќаваат за прв пат, на учениците да видат дека има знаење и настрана од сликите што се движат, на младите луѓе кои побрзо сакаат сѐ одеднаш и сѐ веднаш, на луѓето во сериозни години кои познавале некои други времиња, како и на оние што ги сведочат многуте години искуства низ брчките на лицата. Книгите ни требаат! Но, оние вистинските книги. Книгите кои нѐ учат дека да сонуваш и да остваруваш не е непознато. Книгите кои ни донесуваат нови светови, книгите кои ни го објаснуваат овој свет и сите други наоколу. Книгите со кои растеме, книгите кои не нѐ оставаат да спиеме, книгите што скришум ги препрочитуваме. Колку се важни книгите може да видиме и во некои режими, дури и во некои научнофантастични приказни, каде што на човекот кому му ја одземаш книгата – му ја одземаш слободата. Книгите се слобода!
Да се пишува, пак, значи да се создава еден нов свет. Колку сите приказни и да се раскажани, секогаш има некоја која може да се раскаже на друг начин. Ние писателите, посебно, ние што пишуваме од дното на душата, од највнатрето, знаеме дека книгите ни се смислата во целата човекова бесмисла. Да не заборавиме дека тоа што знаеме да пишуваме според одредени стандарди, не нѐ прави писатели. Важни се приказните што ги раскажуваме и начинот на кој го правиме тоа.
Да се чита книга, пак, значи да се открива еден нов свет. За разлика од другите уметности, книгите ни ја даваат можноста за она што го кажуваат пишаните зборови, читателот да создава свој свет, бескраен свет. Да се чита книга, значи да се биде дел од една заедница.
Да се чува уметноста и знаењето во книгите е посебна одговорност. Затоа ни се важни вакви денови. Затоа што нѐ потсетуваат зошто постојат книгите и зошто толку ни се важни. Независно во каков формат и да се наоѓаат, важното е она што е напишано во нив. Книги имало и ќе има секогаш. Сѐ додека постои човековата потреба за знаење, за раскажување и за читање на сето напишано.
Порака од г-ѓа Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО, по повод Светскиот ден на книгата и авторското право
Книгите се едни од најневеројатните предмети кои постојат, а овој ден е посветен токму на нив.
Книгата, без оглед на нејзиниот формат, е суштинско средство за образование и извор на знаење. Со книгите учиме да читаме. И благодарение на нив остануваме информирани, се забавуваме и сме способни да го разбереме светот.
Книгата е исто така исклучителен начин да се откријат светови и ликови кои инаку би било тешко да се сретнат – а уште потешко да се разберат. Книгите овозможуваат комуникација помеѓу местата и времињата, а со тоа ни нудат интимен пристап до другоста и поттикнуваат меѓусебно почитување и разбирање меѓу поединците и културите. Со книгите, патот до Другиот започнува и повторно се враќа.
Сепак, за книгите да можат да го ослободат својот целосен потенцијал, од суштинско значење е тие да ја одразуваат извонредната лингвистичка разновидност на нашиот свет. Секој пишан јазик со себе носи посебен светоглед, посебна перспектива за нештата и суштествата, посебен начин на размислување и чувство. Објаснувајќи ја својата одлука да пишува на Кикују јазикот, големиот Kениски писател Нгуги ва Тионг’о има кажано дека изборот на јазикот и целта за која се користи играат централна улога во тоа како еден народ се дефинира, не само во однос на природната и социјалната средина, туку и во однос на целиот универзум.
Така, со цел да се зачува и интегритетот и различноста на културите и нивните изрази, минатата година Обединетите нации ја започнаа Меѓународната декада на домородните јазици (МДДЈ) (2022–2032). Целта на МДДЈ, предводена од УНЕСКО, е да ги промовира овие особено загрозени јазици и така да ги заштити правата и културите на домородните народи.
Овој приоритет особено се одразува во прекрасната работа што ја вршат Светските престолнини на книгата на УНЕСКО. Минатата година, на пример, во Гвадалахара, Мексико, се одржаа работилници за да се подучат луѓето за прашањата поврзани со јазичната разновидност. И во Акра, Гана, која денес станува Светска престолнина на книгата за 2023 година, оваа работа продолжува со изградба на културен центар кој ќе го стави во центарот на вниманието читањето и пишувањето на Га јазикот.
Исто така, се залагаме да ја заштитиме и пристапноста на литературата и нејзината јазична разновидност. Овој потфат е уште попотребен денес, со оглед на ризикот од хомогенизација што доаѓа со дигиталната технологија.
Затоа мора да промовираме дела од сите култури и на сите јазици онлајн, како и правично да ги наградуваме сите кои се занимаваат со книжевната индустрија, почнувајќи, се разбира, од авторите. На крајот на краиштата, зад секоја книга се крие цел синџир на знаење и вештини што довеле до нејзино создавање.
Потребна ни е оваа посветеност со цел литературата – како и целата култура воопшто – да стане вистинско „глобално јавно добро“, како што побараа земјите-членки на УНЕСКО на конференцијата МОНДИАКУЛТ 2022 во Мексико.
На овој ден, УНЕСКО и сите негови партнери ве покануваат не само да го славите читањето и културата, туку и да се заложите за нивната поддршка.