Home » „Локум фест“ успешно го одбележа полнолетството

„Локум фест“ успешно го одбележа полнолетството

by culturalchat

Последната трета вечер на Балканскиот етно-фјуж фестивал “Локумфест-музика и традиција”, беше во знакот на медитеранскиот дух. Единствените Синафи триото од Грција, ја донесоа традиционалната музика на Егејот, Кападокија , Балканот, Азербејџан. Триото е основано од три грчки музичари кои се запознале во Истанбул, Турција: Фотини Кокала на канун; Марина Лионту на ут; и Елена Мудири Хасиотоу на вокал и перкусии. Триото пее приказни за егзил, разделба, љубов и радост на турски, грчки, азербејџански, ерменски, курдски и сириски јазици. Влијанијата на „Синафи“ доаѓаат од Кападокија, Тракија, Егејското Море и урбаниот Истанбул.Вториот бенд, Фолкатомик од Италија, најавен како изненадување ги надмина сите очекувања на публиката. Топол медитерански дух и непосредност која ги доведе битолчани до танцувачка екстаза и радост. Квартетот комбинира електронски авангардни звуци со елементи на традиционалната музика од јужна Италија и Медитеранот. Резултатот е оригинален настап во живо каде традиционалните инструменти и синтисајзери и електроника се среќаваат на сцената за да создадат глобално и локално чувство на енергија што ве тера да танцувате и повторно да се поврзете со длабокото и древното.„Локум фест“ заврши со танц, прегратки, фотографирање и нови пријателства кои ќе ја раскажуваат убавината која ја доживеаја во Битола.  Вкусот на локуми , мирисот на турско кафе и звукот на традиционална музика беа дел и од оваа вечер.Овој фестивал е единствен од ваков тип во земјата, а поради неговата автентичност и континуитет, препознатлив е како на регионално така и на европско ниво. „Локум фест“ е член на неколку професионални фестивалски асоцијации, меѓу која и европската Most music.Фестивалот својите почетоци ги има во старата битолска чаршија, од каде што и ја црпи инспирацијата, од локумот и кафето како синоним за средба на културите и негува концепт на промовирање музички стилови од традиционална староградска музика, до ладино, етнофјужн и world music. Во изминатите седумнаесет години на „Локум фест“ настапиле над 100 музички ансамбли од над 25 земји од регионот и светот: Баклава, Чалгија саудн систем, Љубојна, Монистра, Тони Китановски и Черкези оркестар, Зоран Џорлев, Стевче Стојковски, Даутовски, Вања Лазарова итн. Карактеристично за „Локум фест“ е што користи културно-историски локации како отворени сценски простори, истовремено промовирајќи ги како културно-туристички атрибут. Фестивалот припаѓа на групата heritage festivals промовирајќи живо културно наследство како дел од колективната меморија.  „Локум фест“ е проект од национален интерес финансиран од Министерство за култура и Општина Битола, а поддржан во програмскиот дел и од Амбасадата на Р. Италија во Скопје, Италијанскиот институт за култура во Белград и Генералниот конзулат на Р. Грција во Битола.

 

Related Articles