Home » Ламбе Алабаковски и Љубојна дел од годинешниот Макфест

Ламбе Алабаковски и Љубојна дел од годинешниот Макфест

by culturalchat

Ламбе Алабаковски, Љубојна, Владо Јаневски, Андријана Јаневска, Таско, Александар Тарабунов беа дел од звучните имиња кои оваа година пееја на триесет и осмото издание на фестивалот на забавна музика „Макфест“ во Штип.

На првата вечер настапија дебитантите, а на втората позвучните имиња од кои некои од нив по подолго време се вратија повторно на сцената на овој фестивал.

На годинешното издание на фестивалот се слушнаа 26 нови забавни песни. Уметничкиот директор на фестивалот, композиторот и музичар Роберт Саздов потенцираше дека оваа година песните се модерни, современи, жанровски различни, но певливи и побрзо допираат до публиката.

Групата Љубојна кои првпат  настапија на фестивал на забавна музика ја изведоа песната „Само љубов дај“.

Оливер Јосифовски истакна: „Дојдовме на „Макфест“ бидејќи „Љубојна“ ги криши стереотипите во музиката, која ние не ја делиме на народна и забавна. Нашата е широко отворена приказна и инспиративна. Инаку, тука се чувствуваме убаво, раздвижено е, има доста млади луѓе. Дојдовме на покана на директорот со цел да споделиме музика и со оваа публика“.

„Макфест“ е столб на македонската забавна музика и досега донесе многу хитови, искрено се надевам дека фестивалот и понатаму ќе трае“, истакна Ламбе Алабаковски кој и минатата година настапи на овој фестивал. Тој годинава настапи заедно со младата пејачка Полина Тасева и ја изведоа песната „Врати се“.

„Ова е мое трето појавување на Макфест. Во 2020г. ја освоив наградата за дебитант со песната “Сѐ се врти во круг”, а во 2021г. повторно настапив со своја авторска балада “Огледало”, изјави Полина. Аранжманот за песната го направи Димитар Андоновски, стајлингот на Ламбе и Полина беше на  Андреј Папаз.

Како што веќе беше најавено, по повеќе од три децении, на сцената на фестивалот се врати и една од најголемите македонски поп ѕвезди на сите времиња –Владо Јаневски, со неговата нова фестивалска тема во најава „Златни години“. Јаневски исто така говореше за значењето и улогата на „Макфест“ за Штип, Македонија, но и за младите имиња кои допрва доаѓаат на естрадната сцена.

Брендот кој трае цели 38 години продолжува да се негува, но на нов, современ, модерен начин, најмногу близок до младите и нивното поимање на новите музички правци. По 13 песни беа изведени во секоја од двете фестивалски вечери. Овогодинешниот Макфест беше уште едно убаво доживување, размена на енергија, многу разговори и нови познанства, пред сѐ навистина убава дружба. Фестивалот немаше натпреварувачки карактер. Новина беше што публиката одлучи која песна беше најслушана, па така градоначалникот на Штип, Иван Јорданов на Пајак и Лара им додели парична награда за најслушна песна во текот на годината.

 

Related Articles