Во петокот, на 15. јули, пред публиката во Дуги Рат, Хрватска, се одржа шестиот Меѓународен фолклорен фестивал насловен: „Коло, коло, колаjна од злата“.
Се работи за фестивалски фолклорен собир на кој секоја година се претставуваат повеќе фолклорни групи од различни земји од светот, а како дел од културното лето. Оваа година публиката ја воодушеви настапот на КУД.Илинден од Битола, кои пред многубројните присутни се претставија со “Копачка“, фрагмент од „Малешевка“ и игри од Источна Македонија.
По интонирањето на државната химна присутните ги поздрави и градоначалникот на Дуги Рат, Тончи Баук, а потоа проф. Сречко Зелиќ, претседател на КУД „Далмација“, се заблагодари на сите учесници истакнувајќи дека со овој фестивал ќе продолжат и следната година. Имено културно уметничкото друштво од Дуги Рат одбележаа 55 години постоење.Покрај домаќините, организаторите на овој фестивал , КУД „Далмација“, се претставија и ФС.Ровина од Словачка, ФА.Idaho Express од САД, КУД.Трибањ од Босна и Херцеговина, НФА. Pachamama од Колумбија.
Изминаа повеќе од 67 години, откако КУД.Илинден започна да ја чува, негува и да ја шири нашата традиција. Низ сите тие години светот се менуваше околу нас, но Илинден секогаш го чувал највредното, македонската традиција. Пред неколку години беше потпишана и повелба за збратимување со КУД. Далмација од Дуги Рат, Хрватска со КУД.Илинден, а оваа соработка и гостување е на иницијатива на Хрватскиот културен центар од Битола „Марко Марулиќ“.
Со КУД.Илинден во Хрватска е уметничкиот раководител Александар Стефановски, а раководител на оркестарот е Славе Наумовски.
Целта на локалните фолклорни групи, на организаторите во Дуги Рат е да ја промовираат Далмација за да го збогатат културното лето со фолклорни песни и игри во летниот период, да им овозможат на своите членови да учествуваат на странски фестивали преку размена и пред се да ги научат своите членови да негуваат заедништво, толеранција и разбирање на разликите меѓу културите и традициите.Во културните размени и возвратните гостувања, членовите на културно уметничките друштва, но и организаторите од Дуги Рат, ја запознаваат публиката низ цела Европа со богатото културно наследство на цела Хрватска со изведување на нивната традиционална музика, песни и игри. Тие се горди на фактот што многу фолклористи кои барем еднаш ја посетиле Далмација преку овие меѓународни фолклорни средби со задоволство се враќаат во Далмација како туристи со своите семејства и пријатели, каков што е случајот со КУД.Илинден од Битола, кои повеќе пати биле домаќини токму на членовите на КУД.Далмација.
КУД.Илинден се амбасадори на македонскиот фолклор и традиција насекаде низ светот, добитници се на престижни награди и признанија, меѓу кои Гран при во Монт Дор Франција, прво место на еден од најреномираните фолклорни фестивали во светот, Велика Британија, како и највисокото признание на Битола-наградата 4 ти ноември и други.
Во далечната 1955 година официјално е земено името Илинден за ова друштво, иако како фолклорна група постои и неколку години пред тоа. КУД Илинден во текот на своето постоење, ги освои сите светски меридијани и светски сцени, пренесувајќи го македонскиот фолклор. Илинден е изворот од кој се пие првата голтка љубов кон народната култура. Секоја година КУД. Илинден бележи од 40 до 100 настапи. Карактеристична е богата колекција на оригинални носии. Ова културно уметничко друштво , над 6 децении ја изучува и оживува македонската фолклорна традиција, чувар на традицијата и амбасадор на битолската и македонската народна култура ширум светот.
На сцената во Дуги Рат, Хрватска гордо се вееше македонското знаме, а спомените од уште еден успешен настап на КУД.Илинден надвор од Македонија, уште долго ќе се паметат и прераскажуваат.