На 54. издание на ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ КУД „Илинден“ Битола доби значајна награда. Имено на синоќешната церемонија на затварањето на фестивалот КУД Илинден беше прогласен за најуспешна група која презентираше традиционална музика и игра.Според статутот на РФНИП „Илинденски денови“ Битола, како и принципите на CIOFF, на фестивалот се оценуваат и наградуваат само ансамблите од Македонија, додека ансамблите од странство настапуваат ревијално. Жири комисијата на 54-от Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ Битола, во состав: д-р Владимир Јаневски, д-р Родна Величковска, д-р Мирјана Мирчевска, д-р Беким Рамадани и м-р Христијан Николовски на седницата одржана на 31 јули 2024 година ја донесе следната: О Д Л У К А за наградување на најуспешните фолклорни групи, КУД, ансамбли и поединци кои што настапија на 54-от Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ Битола:
1. За најуспешна група која презентираше традиционална музика и игра се прогласува: КУД „Илинден“ Битола
2. За најуспешна група која презентираше староградски музика и игра се прогласува: ВИА „Распеани кичевчани“ Кичево
3. За најуспешна соло инструментална изведба се прогласува: ОНИ „Осоговски бисер“ Кочани
4. За најуспешна играорна соло изведба се прогласува: Зењел Беќири од КУД „Добра“ Дебар
5. За ансамбл со најизворна, најкомплетна, изворна носија се прогласува: АФ „Гоце Делчев“ Битола.КУД Илинден Битола на фестивалот се претстави со сценската адаптација “Моштенки” на авторот Филип Јаковлевски.