Home » Концерт во Битола во чест на професорот Пеце Митревски

Концерт во Битола во чест на професорот Пеце Митревски

by culturalchat

Во Свечената сала на Офицерскиот дом – КИЦ Битола, беше изведен свечениот концерт во сеќавање на проф.Пеце Митревски, насловен како „Стар, ама на англиски“.

„ Оваа година нашето училиште може да се пофали со 76 години од своето постоење со што неколку децении е расадник на врвни музичари. Тоа е повод да се присетиме на сите оние кои ставиле печат врз формирањето на нашето училиште. Да се присетиме на луѓето кои многу години од животот посветиле токму на оваа реномирана образовна институција. Оваа година нашето училиште оддаде почит на повеќе доајени во македонската музичка педагогија со циклус концерти кои се одржуваат изминатиов период.

Вечерва му оддаваме почит на еден човек, сопруг, родител, пријател, но и маркантен професор во нашето училиште.

Му ја посветуваме оваа вечер на професорот Пеце Митревски – Митрата“, беше истакнато на самиот почеток на концертот, а потоа на присутните им се обрати директорот на училиштето Кирил Стојчевски.

На концертот настапија учениците по соло пеење од ДМУ. Битола, од класите на неговата ќерка, проф. Магдалена Наумоска, и неговите ученички, проф. м-р Маја Митровска и проф. Марина Коруновска, Камерниот оркестар. Пијанисти од класите по пијано на проф. м-р Марија Шамоска Буџаковски, проф.Ана Стефановска, проф.Горјана Стојановска, хорот на ДМУ, под раководство на диригентката, проф.Лилјана Трајковска Димевски, учениците на проф.Митревски, Сузана Турунџиева, Ламбе Алабаковски, Петар Христов, Димитар Андоновски, Оливер Јосифовски и многу други, меѓу кои и внуците на професорот Митревски кои ја продолжуваат музичката традиција во семејството Митревски. Пијано соработник беше проф. м-р Александра Ристовска. Настанот го водеше м-р Емилија Сарафска, советник во општина Битола.

Професорот Пеце Митревски беше уметник, педагог, личност која се вгради во генерациите млади кои се собраа на концертот да му оддадат почит, благодарност и должно сеќавање.

Митревски беше роден 12-ти Април 1952 година во Битола, каде го завршува средното музичко образование. Понатамошното школување го продолжил на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде дипломира на два отсеци, соло пеење во класата на проф. Благоја Николовски и наставно теоретски отсек.

По завршувањето на факултетот работи во Македонската опера сѐ до 1987 година. После тоа започнува неговата педагошка кариера во Музичкото училиште во Битола, каде за прв пат е отворен отсек – соло пеење. Освен предметот соло пеење, предаваше солфеж и вокална техника, но имаше огромни познавања и од контрапункт и хармонија. Од 1992 година со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски, Господин Петар, континуирано беше диригент на црковни хорови во Битола. Извесно време предаваше византиско пеење во теолошкиот факултет во Скопје.

Митревски ја напиша првата литургија на македонски јазик, со што во 1995 година  добива признание за особен придонес во Македонската православна црква. Истата литургија е изведувана во Романија, и во Бугарија, во Рилски Манастир и во Софија во Храмот Александар Невски.

На листата на негови ученици беа повеќе музички уметници кои чекореле по патеката на успехот, а на повеќето од нив пеењето да им станува животна определба: Цветан Стојановски, Татјана Крстевска Ковачевска, Сузана Турунџиева, Емилија Сарафска, Сузана Тнокова, Леонарда Богданоска, Јасмина Креола, Павлина Новакова Георгиев, Марјан Неќак, Игор Дурловски, Викторија Јанкуловска, Олгица Милевска, Јасмина Креола, неговата ќерќа Магдалена Митревска Наумоска, Марина Коруновска, Тања Цароска, Елена Петреска, Тоше Проески, Билен Еминов, Маријан Стојановски, Елена Митревска, Маја Илиоска Митровска, Марија Вељановска Арсиќ, неговата ќерка Драгана Митревска – денес монахиња Касијана, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Драган Микаровски и др. Неговиот животен пат завршува на 7ми април 2008, во Битола.

Слободно може да се каже дека професорот Митревски е основоположник на пејачката школа во музичкото училиште. Неговата работа ја продолжија помладите поколенија, кои сведочат за цврсто поставените темели на класичното пеење.

„На великаните местото им е во делата што ги оставаат зад себе. Професорот Митревски го вгради своето дело во многубројните генерации излезени од клупите на музичкото училиште. Неговата големина се состоеше во Божјата дарба и до перфекција изградениот слух со кој можеше да го насети талентот и да создава уметник. Неговиот раскошен талент не го чуваше само за себе, туку несебично го пренесуваше на учениците, ни го остави нам, како завет да ја продолжиме неговата мисија.

„Јас сум стар – ама на англиски!“ Беше шегачија, боем, уметник, а пред cè – човек. Беше човек со големо срце, кој несебично нѐ учеше на cè што знаеше. Беше голем човек. Големите луѓе не умираат, тие живеат вечно. Пеце Митревски – Митрата! Вечен му спомен“, беше истакнато на крај.

Меѓу присутните гости беа градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, Министерката за одбрана Славјанка Петровска , Епископот Партениј, сестринството од женскиот манастир Св.Ѓорѓи Понедоносец, како и бројни пријатели и членови на семејството. Ова е еден од концертите кои ДМУ. Битола, ги организира во сеќавање на професорите кои оставиле печат во постоењето на ова реномирано училиште.

 

 

 

 

Related Articles