„Нека оваа вечер биде сеќавање за нашата ценета професорка Снежана Марковска, која целиот свој работен век го помина токму овде во нашето музичко училиште, оставајќи неизбришана трага со својата педагошка работа. Музиката беше дел од неа, таа беше дел од музиката.Своето огромно знаење за тајните и правилата на хармонијата ги пренесуваше на многу генерации како одличен педагог. Таа беше врвен професионалец, но и педагог кој умееше да го препознае талентот кај ученикот.Беше и родител умешно справувајќи се со предизвикот на класен раководител“, вака професорката Марина Коруновска го отвори концертот кој во чест на починатата професорка Снежана Марковска, се одржа во Државното музичко училиште во Битола.
На концертот настапија: Климент Ристески, Јован Ристевски, Петар Костадиновски, Стефан Кулевски, Зорица Јовчева, Аница Нелоска, Мевљуд Асаноски, Стефан Јовановски, Јована Димоска, Михајло Босилков, Емилија Ристевска, Андреј Деспотоски, Јована Здравевска, Бојан Наумовски, Филип Размовски, Дуо Твинс, Емилија Богоевска, Андреа Николовска, Јана Блажевска, Матеа Стојанова, како и Мешаниот и Женскиот хор при училиштето под диригентска палка на проф. Лилјана Трајковска Димевски. Пијано соработник на концертот беше проф.Александра Ристовска.
Снежана Марковска беше родена во Кочани 1950 год. во семејство на учители. На 6 – годишна возраст со семејството се доселува во Битола. Тука го започнува своето музичко образование – прво во нижото музичко, а подоцна во средното музичко училиште. Го завршува средното образование како теоретичар, а како втор инструмент свири виолина. Високото образование го продолжува на факултетот за музичка уметност во Белград, каде што дипломирала во 1978 година. Целиот свој работен век го помина во музичкото училиште како професор, педагог и класен раководител, пренесувајќи го своето знаење на денешните професори. Многу генерации поминале низ нејзините училници и предмети. Многу од нив ги насочила понатаму, дејствувала и советувала да бидат луѓе пред се.
„Затоа Снежана беше голем човек, со огромни знаења не само за музиката туку и за животот. Читаше многу, и нејзините интереси не беа врзани само за музиката, туку и за духовниот свет на многу големи автори на белетристиката. Беше сестрана личност и со неа беше задоволство да се дебатира на било која тема. Поседуваше ретка особина да ги препознава и децата и луѓето, точно препознавајќи го нивниот карактер. На професионален план – точно знаеше кој и колку може да постигне во музиката. Умееше да го извлече талентот, но и да советува ученик и родител каде да се продолжи школувањето. И тие тоа го почитуваа и години после тоа и беа благодарни за насоките за животот. Беше присутна на сите концерти на учениците и го следеше нивниот музички развој“, беше истакнато на концертот за неа.
Професорката Снежана со својата педагошка работа влијаела не само на учениците туку и на своите колеги. Со своето искуство и авторитет ги решавала проблемите во интерес на наставата како долгогодишен шеф на теоретската класа. Била инспирација за многу генерации кои со своето школување се посветиле на педагошката работа за тоа како треба да изгледа ликот на еден педагог. Токму затоа таа е синоним за музичкото училиште. Личноста и делото на професорката Марковска се дел од историјата на ова училиште од 60 – тите години како ученик па се до нејзиното пензионирање во 2012 год.Со нејзината прерана смрт изгуби најмногу семејството, колегите, но и сите оние генерации кои со нетрпение ги чекаа годишнините за да евоцираат спомени и да се сретнат со својата класна.
„Затоа ова е мал дел од честа што ова училиште заедно со колегите и учениците ја искажува кон овој голем човек Снежана Марковска. Големите луѓе не умираат. Тие само се селат во вечноста и стануваат безвремени“, беше истакнато на крај.
Концерт во Битола во чест на професорката Снежана Марковска
previous post