Home » Композиција со македонски ритам во изведба на Хрватски тамбурашки оркестар

Композиција со македонски ритам во изведба на Хрватски тамбурашки оркестар

by culturalchat

Тамбурашкиот оркестар „Рапсодија“ од Хрватска, настапи на фестивалот на источно европски оркестри во Будимпешта, заедно со оркестрите од Печух и Будимпешта, Унгарија, оркестарот од Белгија, Словачка, Естонија. Овој ансамбл неодамна одбележа 10 години постоење, а на концертот во унгарската престолнина изведоа композиција со македонски ритам „Македонски танц“, на Домагој Вукадин.„Да, беше предизвик, морам да напоменам дека тоа е еден хрватски композитор од Осијек, колега професор, кој ја компонираше таа композиција во македонски ритам. Кога таа композиција ја слушнаа членовите на оркестарот истакнаа дека сакаат токму неа  да ја изведуваат.Не е вообичено за нас, и не е лесно да се изведува тој ритам, но го прифативме предизвикот. Ни требаше малку повеќе време да го извежбаме делото, од оние дела кои вообичаено ги изведуваме, и еве успеавме“, ни изјави диригентот Владимир Чатиќ.До сега гостувале во Македонија два пати, во Кратово и Охрид. За нив македонската музика е извонредна.

„Македонската музика е пред се многу убава, пред се поради својата ритмичност. Ритамот кој се користи во истата за нас е атипичен. Мелодиите се прекрасни, не се монотони. Мене лично многу ми се допаѓа македонската музика, а како што видовте и на нашите музичари“, додава Чатиќ. До сега ги имаат објавено албумите „Балада за тамбурата“ и „Тамбура бит“. Овој оркестар постојано собира повеќе од 30, главно млади членови, заедно со неколку докажани, искусни музичари. Низ годините се здобија со статус на еден од најдобрите тамбурашки оркестри во Хрватска и настапуваа на бројни фестивали од кои редовно се враќаат како еден од наградуваните. Настапуваа низ цела Хрватска, во Босна и Херцеговина, Македонија, Србија, Франција, Италија и Бугарија.Репертоарот на нивните настапи е навистина широк и разновиден, од народни песни, ора, црковна и народна музика, преку познати дела од филмската и класичната музика до современа забавна музика.Овој тамбурашки оркестар е познат и по бројните кавери кои можете да ги слушате на нивниот канал на Јутјуб, а каверот на светскиот хит „Bohemian Rhapsody“ во април минатата година го привлече вниманието на медиумите од целиот регион.

 

Related Articles