Home » Кога младите ја раскажуваат својата приказна преку филм, не го пропуштајте „Како плачат улиците“

Кога младите ја раскажуваат својата приказна преку филм, не го пропуштајте „Како плачат улиците“

by culturalchat

На 4. Април, сабота во Центарот за култура – Битола, во 20:00 ч. ќе биде прикажан филмот „Како плачат улиците“ – хроника за едно поинакво време кое повеќе го нема. Имено младите битолчани, Христијан Аџиоски, Филип Ошавков и Дејан Трајчевски, тргнаа во една благородна мисија – во ФИЛМ да ги овековечат годините кога урбаната хип-хоп сцена ги трасираше нивните животи и од безгрешни деца со многу соништа, создаде созреани личности, подготвени да газат низ трнливиот пат. За филмот велат: „Ова е филм со многу емоции, во кој можеби ќе пронајдеш и парче од твоето минато, можеби ова е дел и од твојата приказна каде што и твоите усни беа пресретнати на некој клупа во денес осамениот и тивок парк. Филм за една поинаква генерација, која иако денес е распрсната насекаде по светот, во себе го носи тој белег дека некогаш во Битола, стиховите одржуваа братска блискост, другарства што траат“.

Ова не е неколкудневна активност, овој проект се работел година и пол, со сопствени средства, ресурси, знаење, како и многу љубов и посветеност.
„Не беше нималку лесен подвигот да се раскаже сопствената младост, да се раскажеш себеси. Бидејќи рапот не е само музика – рапот се личности! Рапот е сѐ што сме ова денес. Златен медалјон што секој од нас го чува како најскапоцена реликвија“, додаваат Христијан, Филип и Дејан. Со Аџиоски кој читателите го препознаваат по групата Стиховно војување, но и по книгите, поразговаравме, а еве што тој ни откри за самиот филм.

Х.А. – „Со оглед на тоа што многу често се наоѓаме во ситуација сѐ во денешницата да споредуваме со условно кажано „нашето време“ и како за релативно краток период е збришан еден богат социјален живот, решивме да создадеме едно креативно дело коешто ќе остане во иднина да зборува наместо нас. Основната идеја е да го овековечи урбаниот живот на една цела генерација, кога сите се водевме по едно начело – да се живее, значи да се биде духовно богат. Имавме среќа токму во рапот да ја канализираме нашата младешка и бунтовна енергија, а тоа ни создаде толку многу спомени и пред сѐ, имаше најголем придонес да се формираме во овие личности што сме денес. Сето тоа, е повеќе од доволно да се документира во еден ваков уметнички запис“.

Ова не е само музички филм, во истиот се посветува внимание и на социјалниот аспект.

Х.А. –  „Музиката што се создаваше на овие простори не е ниту единствена, ниту централна тема, многу повеќе се посветува внимание на социјалниот аспект, што беше водилка во целиот овој креативен процес. Филмот има само една намена, да ја раскажува нашата младост, која дишеше со богата урбана сцена, кога стиховите одржуваа братска блискост, создаваа другарства што траат. Станува збор за хроника од настани, кои играа клучна улога во менување на цели животни судбини, што денес може да отвори многу прашања во однос на општествениот контекст, а секој нека си ги наоѓа сопствените одговори. Затоа „Како плачат улиците“, бидејќи некогаш таму стиховите беа нашиот плач, а денес гледајќи колку улиците се тивки, се прашуваме каде е плачот?“.

Филмот се снимал на неколку локации низ Битола.

Х.А. – „Во киното „Манаки“ во рамките на КИЦ – Битола, во просториите на Државниот архив на Македонија – одделение Битола, кафе-бар Порта џез, кафе-бар Везилка, Градскиот парк и други места. Исто така, свои видео материјали ни испратија и наши иселеници од Австралија и САД“.

Концептот и иницијативата за овој филм се на Филип Ошавков-Генго, кој со години ја разработувал оваа идеја за конечно да дојде денот да ѝ се вдахне душа. Зад креативниот и техничкиот дел, односно реализацијата на филмот, сценарио, режија, снимање и монтажа стојат Христијан Аџиоски и Дејан Трајчевски со неговата Encore media production.

 

 

 

 

Related Articles