Најновиот македонски филм кој се снима периодов е со наслов „Касапско оро“. Филмот се снима на локации низ Скопје е и работен е по сценарио на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, режијата е на Срѓан Јанаќиевиќ, директор на фотографија е Дејан Димески, а продукцијата е на Ново македонско видео, односно Њу Момент.Никола Ристановски и Дарја Ризова се носечките ликови на приказната, а клучни улоги имаат и Сашко Коцев и Оливер Митковски. Во општество полно со корупција, уредникот ветеран Бодан и амбициозната млада новинарка Софија, независно еден од друг, откриваат скандалозно видео. Одбивајќи да бидат замолчени од закани и мито, се соочуваат со опасна мрежа од политика, интриги, корупција и секс-скандали. Филмот навлегува во темниот, груб свет на моќта и хипокризијата кои влијаат врз секој слој од општеството. Еден од сценаристите, Сашо Кокаланов, вели дека ова е филм за лажниот морал, не само на политичарите или на новинарите, туку на целото општество.„ Филмот не претендира да биде перцепција за македонското новинарство. Тоа е само некаков поширок контекст за една многу конкретна приказна. Ликовите од приказната не се пресликани реални личности, но се градени со многу „позајмици“ од лепеза вистински ликови од нашето општествено и медиумско милје“, вели Кокаланов. Тој го „градеше“ сценариото заедно со Дејан Дуковски, успешно склопувајќи го мозаикот на приказната.
„Ова е приказна за фанатична храброст преку големи лични жртви да се добие Донкихотовска борба против крајно корумпираниот и криминален режим на власт кој е спремен на сѐ за да ја задржи. Приказната што ја раскажуваме го потенцира фактот дека основата на сите демократски општества е во слободата на медиумите кои на тој начин се и контрола на власта во однос на јавното мислење. Ова подразбира медиуми кои не се купени и не работат за ничии интереси. Слободни новинари за кои вистината мора да биде единствен интерес“, вели Дуковски.Режисерот Срѓан Јанаќијевиќ филмот по жанр го дефинира како политички трилер и, според него, ќе биде визуелно впечатлив за да ја долови тензијата и борбата на главните ликови во потрага по правда и во корист на вистината и јавниот интерес. Додека тече професионалната и лична приказна на Бодан и Софија, интензивното дејство, кое се случува паралелно во само 24 часа, ќе ги внесе гледачите и во приватниот хаос на ликовите во потрага по правда, во морално амбивалентен свет. За ефектот од начинот на кој оваа тема ќе биде филмски обработена, извршниот продуцент Сашо Пешев од Њу Момент вели дека очекува интерес во јавноста и меѓу љубителите на филмската уметност бидејќи во центарот на дејството ги има изложеноста и предизвиците на новинарската професија во транзициска држава каде што политиката, корупцијата и криминалот одат заедно.Филмот е дебитантски филм на Срѓан Јанаќијевиќ и затоа има продукциски предизвици кои треба умно и креативно да бидат решени.
„Дел од филмот се случува во автомобил, а за тоа квалитетно да се сними се потребни посебни технички предуслови. Донесовме специјална опрема и приколка од Словенија и верувам дека ќе успееме да го добиеме визуелниот израз што го сакаме“, вели Пешев.
Актерот Никола Ристановски за својот лик Бодан вели дека нема голема теза, но употребува лични критериуми и се обидува да сочува одредени лични и професионални кодекси во секоја сцена, во секој нареден миг на таа моќ.„Работите никогаш не се црно-бели и тоа е главниот постулат во сценариото. Ама така е и во животот. Секое наше дејство, секој акт, секоја постапка, ни се враќа како бумеранг. И затоа ни се потребни критериуми според кои ќе го изградиме ликот, критериуми кои се неопходни за дел по дел да го составуваме мозаикот. Не постојат морални норми кои се генерални и употребливи секој ден, дури и секој час, така што секој нов момент е ново парче во мозаикот. Светот на медиумите не е одвоен од сите останати светови околу нас, само што тука има поголем концентрат. Впрочем, како и во мојата професија. Овој свет не се одвојува од целото милје, само што тука интензитетот на сите случувања е на квадрат споредено со сите останати. Рефлексиите се посилни, реакциите се подраматични и повидливи“, вели Ристановски.Дарја Ризова, лицето на едната страна во решавањето на предизвиците на новинарската професија, вели дека е инспирирана од ликот на Софија и потрагата по нејзините мотиви, односно нејзината лична приказна, како и границата до која таа е подготвена да отиде. Според неа, во основа истражувачкото новинарство е последниот бедем на јавниот интерес против злоупотребите на моќните.
„ Во држави со дисфункционален или корумпиран правен систем како нашиот, оваа професија е и една од најризичните. Освен тоа, истражувачките новинари не се никогаш доволно платени, земајќи ги предвид личните жртви и одрекувања. Силата на овие медиуми зависи од независноста, а таа од изворот на финансирање. Филмот е објективен и реалистичен. Случувањата се доволно општи за да избегнат дневна политика, а на моменти неизбежно асоцијативни со случувања од нашето блиско и далечно минато“, вели Ризова. Филмот во текот на летото ќе влезе во фаза на продукција и пост продукција и наесен ја очекува премиерата.