Прифатилиштето Хачико (во рамките на ЈП Комуналец Битола) почнува со својата надлежност од моментот кога одредени кучиња ќе завршат на улица. Нивна задача, како што не информираа е да ги заловат кучињата со цел да го спречат нивното размножување и да им обезбедат примарна здравствена заштита. Ова прифатилиште работи на принцип:
„Залови – Стерилизирај – Вакцинирај – Врати“ кој на долг рок се очекува да го намали бројот на бездомни кучиња низ Битола.
„ Како тие кучиња завршиле на улица и дали можело тоа да се превенира е прашање за други надлежни институции, кои треба да превземат конкретни мерки за запирање на изворот на проблемот. Генезата на бездомни животни на улиците лежи во неодговорното сопствеништво. Неконтролираното размножување, напуштање на милениците и нивните потомства од страна на граѓаните ги полни улиците со бездомни кучиња, а несоодветните законски регулативи или неефикасниот систем на казнивост го отежнуваат решавањето на проблемот со бездомните кучиња“, изјавуваат од прифатилиштето.
Инаку во текот на месец март, 15 бездомни кучиња од нашиот град поминаа низ процесот на хуман третман и здравствена заштита.