Home » Искра Гешоска добитник на Гете медалот за придонес во културната размена за 2024

Искра Гешоска добитник на Гете медалот за придонес во културната размена за 2024

by culturalchat

Искра Гешоска, македонската теоретичарка на уметност е меѓу трите добитнички на Гете медалот за придонес во културната размена за 2024. Покрај Гешоска, наградени се и литературната преведувачка Клаудија Кабрера од Мексико и театарската работничка Кармен Ромеро Кверо од Чиле. Медалот Гете е едно од најважните признанија на Германија за културни творци од странство. Гешоска  ја прими наградата во Вајмар на 28 август, денот на раѓањето на поетот Јохан Волфганг фон Гете.Жирито во образложението за доделување на престижното признание вели дека Искра Гешоска создава важни платформи за независната културна сцена во Северна Македонија. Таа е соосновач на Фестивалот за критична култура „Крик“ и на мрежата „Кооператива“, која ја поттикнува европската културна размена во поранешните југословенски држави. Ова признание и́ се доделува како нашироко признат облик на почит кон нејзиниот извонреден придонес во областа на интернационалната културна размена и обогатување на независната културна сцена во Македонија. Гешоска е ќерка на македонските театарски доајени Милица Стојанова и Димитар Гешоски.„Токму во време на мултилатерални кризи и поларизирачки дебати како денес, потребна ни е отвореност за различни перспективи во светот, подготвеност да учиме едни од други и да градиме доверливи врски во општеството, но и меѓу различни општества. Годинешните добитнички се залагаат токму за вакви поврзувања и меѓународно разбирање на извонреден начин, без да се обесхрабрат од препреките“, изјави Карола Ленц претседателката на Гете институтот.

Сите три добитнички на награди ги обединува нивното безусловно верување во моќта на културата да го промени општеството. Гешоска e истакната македонска теоретичарка на уметноста, организатор на фестивалот КРИК и директор на невладината организација Контрапункт, есеист, преведувач на наслови во областа на тероијата. Од основањето во 2001 година, Гешоска со Контрапункт и културниот центар Точка направи огромен придонес во поддршката на младите уметници, зајакнувајќи ја независната културна сцена во земјата.Изборот на Гешоска како добитник на медалот Гете е доказ за нејзината немерлива силна визија и континуирана работа на унапредување на културните размени и чување на независниот културен идентитет во регионот и пошироко. Во ова светло, Искра инсистира – доделувањето на медалот не е само признание за нејзината работа, туку и за оние коишто се залагаат за промени низ уметноста и културата во опкружувања што често се спротивставуваат на слободниот израз и креативност. Гете институтот го доделува медалот секоја година почнувајќи од 1995 година, како официјално одликување на Сојузна Република Германија. Со Медалот Гете се одликуваат личности од целиот свет кои дале посебен придонес во наставата по германски јазик и меѓународната културна размена. Меѓу претходните носители се вбројуваат Даниел Баренбоим, Дејвид Корнвел односно Џон ле Каре, Агнес Хелер, Петрос Маркарис, Хорхе Семпрун, Роберт Вилсон и Аријане Мнукин. Меѓу добитниците на медалот Гете, се издвојуваат и неколку забележителни личности од поранешната Југославија и Балканот, чии придонеси во културата и науката ги прејдоа границите на нивните татковини. Една од таквите личности е Перо Слијепчевиќ, професор и литературен критичар од Хрватска, Зденко Шкреб, истакнат хрватски германист, тероетичар на книжевноста и универзитетски професор, Камила Луцерна, која како учена од Австрија се смета за значаен мост меѓу германската и јужнословенските култури. Нејзините дела и активности како преведувач и културен посредник, значајно придонесоа кон културното поврзување и размена.Овие лауреати на медалот Гете од поранешна Југославија и Балканот ја симболизираат важноста на меѓукултурниот дијалог и размена. Нивните трудови и ангажмани не само што го надминуваат јазичното и културното различност, туку и продолжуваат да инспирираат нови генерации на уметници, културни делувачи и научници, коишто градат мостови на разбирање и заедничките вредности меѓу различните култури и народи по цел свет. Нивните достигнувања сведочат за бескрајните можности на културната кооперација и моќта на книжевноста и уметноста да ги надминат границите и да ги поврзат луѓето.

Related Articles