Home » Интимниот театар од Битола со награда на 59.ДАФ

Интимниот театар од Битола со награда на 59.ДАФ

Наградата за најдобра епизодна женска улога за Ангела Атанасовска

by culturalchat

Во Кочани се одржа 59. издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ), на кој наградата Најдобра женска епизодна улога се додели на Ангела Атанасовска од претставата „Тирамису“ на Театарската Школа „Фабрика за мечти“ при Интимниот Театар – Битола. Оваа претстава е во режија на Софија Ристевска Петрушева, асистент на режија Валентин Дамчевски, автор на текстот е Јоана Овшанко.

Во истата покрај Ангела играат и: Ксенија Мано, Ангела Караманди, Илијана Питошка, Нина Троковска, Катја Златевска и Андреа Николовска. Тричленото жири во состав: Владимир Тулиев, Марина Поп Панкова и Дритон Вејсели за наградата истакна: „Ангела покажа стабилна сценска изведба и точна емоција во градењето на ликот“.

Најдобра епизодна женска улога се додели и на Неда Глигиќ од претставата „Раѓање“ на АП „Бранислав Нушиќ“, Шид.

Останатите награди отидоа кај:

  • Најдобра машка епизодна улога се додели на Огнен Велевски од претставата „Самоубиство во самоодбрана“ на Алтернативен театар „Отпишани“, Скопје. Огнен Велевски толкуваше повеќе споредни улоги кои беа точно издефинирани и прецизно изведени.
  • Најдобра женска главна улога се додели на Зорица Митева од претставата „Тој и Таа“, на Театарска група „Годо“, Кочани. „Зорица Митева плени со својата сценска појава, актерски израз и зрелост. Нејзината креација на ликот Таа е комплетна и повеќеслојна и тоа ја прави достојна за носител на оваа награда“, истакнаа членовите на жирито.
  • Најдобра машка главна улога „Никола Димитров” се додели на Никола Димевски од претставата „Гласови“ на театар „Чекори“, Скопје,
  • Најдобра режија „Борис Стојчев“ се додели на Цветин Аничиќ за режија на претставата „Раѓање“ на АП „Бранислав Нушиќ“, Шид,
  • Наградата за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар се додели на претставата „ Ништо не е страшно“ на „Театар Пи“, Скопје.
  • Специјалната награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци се додели на претставата „Приказна за волшебната шума“, во изведба на Домот на култура „Иван Мазов-Климе“, Кавадарци.

ГРАН ПРИ „Васил Ќортошев“ се додели на претставата „Ништо не ѐ страшно“ на Центарот за изведувачки уметности и едукација „Театар Пи“ од Скопје.

Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) е годишна театарска манифестација на која настапувааат најдобрите аматерски театри и театарски групи од Македонија и странство. Домаќин на фестивалот е Кочани. Вообичаено се одржува секоја година во последната недела од месец мај и трае 5 фестивалски денови, со по две до три претстави дневно. Право на учество имаат аматерски театри, драмски секции, студија, експериментални сцени и други форми на самостојно сценско изразување и организирање на територијата на Република Македонија, како и странски аматерски театарски ансамбли.

На фестивалот на драмскиот аматеризам досега настапиле 819 ансамбли, со 9847 учесници од нашата држава и странство.

 

 

 

 

Related Articles