Филмовите „Хомо“ на Игор Иванов, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи , како и краткометражниот филм „Проблемот на Тина“ во режија на Радован Петровиќ, се натпреваруваат на осмото издание на Филмскиот фестивал „Балканска Панорама” во Измир во Турција.
Овој фестивал на кој во својот советодавен одбор има уметници како Милчо Манчевски, Радо Шербеџија и легендата на турскиот театар Едиз Хун, се фокусира на балканското филмско остварување.
Официјалната награда „Жолт чадор“ ќе биде доделена во 11 категории.
„Хомо“ е скопски филм, за нашата генерација и времето во кое живееме“, истакна режисерот Игор Иванов Изи кој воедно е и претседател на Друштвото на филмските работници.„Хомо“, е негов трет долгометражен филм. Во филмот се прикажуваат шест индивидуални приказни, со шест различни карактери, во поврзани епизоди исполнети со црн хумор.По овие шест карактери впрочем се и насловени шесте сегменти или можеби поточно шесте епизоди од кои е сочинета приказната. Некои во иронична, некои пак во буквална смисла, сметам мошне јасно ги означуваат општествените стереотипи со кои секојдневно сме опкружени.
Сценариото го потпишуваат Игор Иванов и Сашо Кокаланов.
Актерската екипа ја предводеа: Александар Матовски-Цако во улогата на Гоги, Наташа Петровиќ во улогата на Кети, Игор Ангелов во улогата на Поп Христо, Јордан Симонов во улогата на Адвокатот, Мајлинда Косумовиќ од Косово во улогата на Зана, Сашко Коцев во улогата на Петар, Оливер Митковски во улогата на Сократес, Сергеј Димовски на кого ова му беше дебитантско остварување на долгометражен филм – во улогата на Поп Демијан, Јоана Буковски од Бугарија во улогата на Петра, Себастијан Каваца од Словенија во улогата на психијатарот Др. Улчар, Јелена Јованова во улогата на Јулија, Мони Дамевски во улогата на Вујкото на Гоги, Мартин Манев – во улогата на Виктор и Славиша Кајевски во улогата на Фантом.
Филмот е во продукција на „Скопје филм студио“ и е дел од широка копродукција со Косово, Бугарија и Хрватска.
Погледнете го разговорот со режисерот за Тера телевизија.