Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ – Битола во соработка со НУ. Центар за култура, ја промовираше музичката компилација „Битола е градот“. Станува збор за ЦД со 22 композиции од исто толку различни изведувачи, проект поддржан од Општина Битола и печатница „Графопром“, истакна Илија Талев, креатор и реализатор на проектот.
„Битола е градот“ е прво и единствено вакво издание од ваков вид во комплетната музичка историја на градот, а се однесува на поп-рок музиката и останати жанрови и под-жанрови. Околу идејата за овој проект Талев вели:
И.Т.- Повеќе неврзани приказни се виновни за реализација на оваа компилација. Додека сум промовирал одредена музика (најчесто рок музика) голем дел од групите кои се составен дел од оваа компилација, со свежи штотуку продуцирани снимки ми ги нуделе да ги вметнам во сопствениот сет за таа вечер. Тоа го прават и ден денес, што ми претставува особена чест и задоволство. Сепак, за да препознаеш одреден талент и квалитет треба истиот и да го поседуваш. Од друга страна, при некакви неформални разговори со млади изведувачи или мои поддржувачи и музички истомисленици, сознавав дека истите имаат недоволно познавања првенствено за домашната музичка сцена, на пример, истите тие не знаеле кој е еден Славе Димитров(или еден David Bowie, кога станува збор за странски изведувачи). Токму затоа е направена оваа компилација (и наредните две кои допрва ќе следат), за да избегнеме да се заборават еден куп локални групи и изведувачи, кои биле сведоци на едно време во кое твореле и живееле достојни за почит за направеното, а на сметка на некои идни изведувачи кои треба да продолжат, а зошто и да не ги надминат нивните врвни остварувања.
Изборот на композициите бил базиран врз основа на четири правила. Музичката компилација „Битола е градот“ содржи нумери на Кристо Роџевски, „Љубојна“, „Фолтин“, „Пијан Славеј“, „Паркети“, „Pumpers“, „Code 369“, Сашо Поповски, „Sweet Rapscallions“, Димитра, Марија Плава, „Corrosion“, „Three Minutes In The Rain“, „Мазно Ама Не Е“, „Molokai“, „The Government“, „Вел“, „Sound Waves“, „Кактус“, „Lucent“, „Спанк и Музак“, сите од Битола.
Како беа избирани композициите?
И.Т.- За да нема негодување од групите кои не се застапени на ова ЦД, мислевме дека е најдобро да создадеме одредени правила, кои ќе ни помогнат при самиот избор на изведувачи, а со самото тоа и на композициите од истите изведувачи. Изборот на изведувачите и композициите е базиран врз основа на четири правила до кои строго се придржувавме, а тоа е дека:
– Изведувачите (музичарите, авторите) мора да егзистираат и творат на територија на град Битола.
– Да имаат издадено албум (ЕП, сингл) во форма на носач на звук (ЦД, лонг плеј) или во дигитална форма, во периодот од 2001-2022 година со авторска музика. Доколку од било кои причини тоа не било возможно, да бидат концертно активни со авторска музика во истиот период.
– Композициите (по можност) да бидат изведени на македонски јазик (освен кога станува збор за изведувачи кои творат (исклучиво) на друг јазик или се во инструментална форма).
– Да ја имаме таа привилегија конечниот избор за избраната композиција да го направаме ние (од комплетниот музички опус на изведувачот во наведениот временски период).
ЦД-то „Битола е градот” е исто така поклон за сите љубители на музиката ширум државата по повод 15 годишниот јубилеј од постоењето на Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис” – Битола.
Кажете ни нешто околу идејата за формирање на оваа агенција?
И.Т.- „Метрополис“ е формиран во 2007 година со цел да покрива одредени настани од областа на културата кои во тој момент биле дефицит не само во градот туку и во државата. Така како прв и долгорочен проект одлучивме да биде Модна Недела Битола, која се покажа дека беше полн погодок. Неколку години беше единствена таква манифестација во Македонија. На истата продефилираа голем број домашни и странски креатори и над 100 модели од градот. Подоцна во склоп на истата беа реализирани и голем број на изложби, перформанси и еден видео фестивал на кратки филмови од домашни автори во кој беше вклучено и едно видео од познатиот пејач Bryan Adams, лично одобрено од него. Во моментот сме концентрирани на полето на музиката, но модата и понатаму ќе ја третираме преку помали индивидуални проекти.
Може ли вљубениците во модата да очекуваат модна недела повторно во Битола?
И.Т.- Мислам дека „Модна Недела Битола“ е завршена приказна,иако јас сум од оние кои никогаш не велат никогаш. Мислам дека во овој момент нема услови за реализација на една таква манифестација, затоа што треба да биде едно ниво повеќе од последното издание. За да биде тоа така покрај објект со задоволителен број на сместувачки капацитети се потребни и финансии кои да бидам искрен во овој град никогаш и ги немало и покрај „чукањето по рамо“ после секое успешно завршување на било која Модна Недела. Дека е тоа така, само ќе наведам дека во 10 години Модна Недела сме имале спонзори од Словенија во два наврати и една година од Грција. На сите нив бизнисите им беа стационирани надвор од Битола и немаа интерес за долгорочно инвестирање. Останатите години сите финансии сум ги обезбедувал од сопствениот џеб. Така да…
И после толку години активен на музичка сцена како диџеј, Талев не го менува својот правец на пуштање музика. Колку е предизвик денес да се остане верен на себе после цела плејада на промовирање на денешната музика?
И.Т.- Верувале или не и после толку години активност за мене тоа уште претставува предизвик. Од една страна предизвикот е да им угодиш на постарата и проверена публика, од друга страна музички да ја пратиш и едуцираш новата и помлада публика. Во текот на годината преслушувам помеѓу 200-300 албуми на музика од скоро сите жанрови, но во тоа е и убавината на занаетот, да ја препознаеш добрата музика и да најдеш начин истата да ја промовираш. Не секогаш, секоја музика можеш да ја промовираш на секое место, пред секоја публика. Во тоа е и тајната на занаетот. Тоа се учи со годините поминати на сцената. Оваа година прославувам еден мал јубилеј, 35 години како диџеј и промотор на музика. Еден музичар неодамна ми кажа: Твоето име на сцената не е само име и презиме, туку бренд. Ако е тоа така, тоа би значело дека добро сум ја работел својата работа сите овие години.
Битола има одлични музичари, но некако како да е поттурната на страна музичката сцена од нашиот град. Што мислите зошто е тоа така?
И.Т.- Затоа што нема медиуми кои ја третираат истата, без разлика дали станува збор за пишани или електронски медиуми. Истите повеќе ги интересираат трач приказни и политика, отколку култура и уметност. Тоа не е проблем само во Битола, туку и во целата држава. На одговорни функции се наоѓаат кадри без слух за гореспоменатиот проблем. Така да, при било каква криза најпрво и најповеќе страда културата. Од друга страна, ТВ куќите немаат интерес и квалитетен кадар да информираат за музички и културни настани кои не се случуваат во главниот град и сето тоа како домино се рефлектира и на другите културни настани.
Самата обвивка на албумот има интересна приказна. Што истата претставува?
И.Т.- Во основа претставува стилизирано решение извадено од контекст на самото лого на Општина Битола, а како симбол е земена моликата во негатив, додека црвениот обоен дел на една од трите молики означува дека се работи за прв дел од трите планирани за овај проект. Тоа е едно минималистичко графичко решение кое е својствено и препознатливо на мојот стил на работа, кога станува збор за графичкиот дизајн.
Каква е соработката со Центарот за култура каде се одржа и самата промоција?
И.Т.- Самиот факт дека најголем дел од реализираните проекти на „Метрополис“ се реализирани во Центарот за култура – Битола укажува на тоа дека не е случаен изборот како партнер за реализација на овој проект. Веќе 15 години заеднички сме реализирале повеќе проекти посебно во полето на модата, односно со реализација на Модна НеделаБитола (2009-2018), додека на музичко поле соработката започна во 2017 година со реализација на ЦД-то на амбиентална музика на проектот Музак и албумот„Метрополис“ исто така во издание на Центар за култура. Помагатели на проектот се Општина Битола (наш повремен партнер низ годините) и печатницата Графо Пром – Битола,која е постојан партнер од самиот почеток на „Метрополис“ на буквално сите проекти кои сме ги реализирале од основањето до денес. Графо Пром беше задолжена за крајниот визуелен луксузен изглед на самото ЦД.
Музичката компилација „Битола е градот“ своја промоција за јавноста ќе има во периодот кој следи, за што благовремено ќе бидете известени.
Албумот е достапен за симнување на платформата„Bandcamp“ на следниот линк:
https://metropolisbitola.bandcamp.com/album/-