„Како уметница, навистина е уживање е да се остваруваат соништата кои сме си ги замислиле, испланирале, фантазирале… Секоја препрека е пауза и мотив да се замисли следниот„сон“, уште повеќе и уште подобро. Секое остварување на замислата е растење на апетитот за повеќе и се додека е така е добро… а јас ќе ви кажам дека сум голем сонувач и убаво ми е што е така“, вака го започна разговорот со нас Љубица Мешкова Солак или Буба Солак, мултимедијална уметница и ликовен педагог.
Таа е препознатлива по нејзиниот изразен колорит и цртеж, силната експресивна енергија на моќни и одлучни потези и гестови. Најголем дел од својот богат авторски опус го остварува во Битола, каде живее и твори. Има остварено бројни самостојни изложби низ Р. Македонија, но и во Берлин и Париз, а во соработка со британскиот моден бренд Хакет изложува во Дубаи, Катар, Кувајт и Бахреин. Има остварено студиски патувања во Атина, Фиренца, Букурешт, Ерусалим, Љубљана и Париз, учествувала на бројни групни изложби во Бугарија, Романија, Србија Шпанија, Грција, Австрија. Добитник е на значајни ликовни награди, во признанието за ликовно остварување “Борислав Траиковски”, наградата на ДЛУМ, Д. Аврамовски-Гуте и други.
Заедно со својот сопруг, го водат Ателјето „Солак“ како и галеријата и концептуалната продавница „Solak gallery and concept store“, во кое место се нудат дела од реномирани македонски сликари и скулптори, како и интересни парчиња применета уметност од веќе етаблирани дизајнерски уметнички брендови. Солак е член на Друштвото на ликовни уметници на Битола (ДЛУБ) и негова претседателка од 2014 до 2016 година. Членува и во ДЛУМ. Во 2015 беше официјален претставник во Турција од Македонија на Femmin Art -Trabzon.
Колку е важна меѓусебната поддршка помеѓу жените?
Љ.М.С.- ,,Фатално е за уметниците да мислат на својот пол,како што е фатално да живеат просто и едноставно како маж или жена,, цитатот на Вирџинија Вулф, а придавката ,,женски,, како укажување на нешто исклучително, кажува дека свеста уште многу треба да се менува.
Но бидејки поводот, празникот 8 Март -Денот на Жената е и важен од општествено-социјален аспект ќе зборувам лично од моја перспектива и искуство за нешто кое сосема природно функционира во мојата комуникација со личностите со кои соработувам , се дружам и споделувам.
Скоро три децении активно и професионално сум посветена во ликовната уметност, а парарелно работам и во образование и во текот на цел овој минат период реализирани се голем број на изложби,настани, работилници, проекти, патувања во кои најголем дел се остварени и реализирани заедно со мои колешки, пријателки и соработнички кои се меѓу другото и силни, успешни, креативни жени.
Мојата последна самостојна изложба „ Раскажувања“ реализирана во Истанбул, во самиот концепт вклучуваше десет исклучителни жени – архетипови на модерната жена.
Годината која ја оставивме зад нас како и претходните бев доста активна и соработував на убави проекти кои беа анимирани од галеристки- Фемин арт од Турција, Арт Центар Мадеира и фондација Пејрисак – Париз. Најсвежо во овој период исто така е и соработката со 19 креативни жени, уметнички- дизајнерки кои се дел од концептот на Солак Галерија. Самата бројка која ја спомнав како илустрација во одговорот на Вашето прашање зборува дека јас сосема природно и непретециозно и пристапувам на соработката со огромен број на успешни , креативни и вредни жени, едноставно е…
Што те мотивира во работата да продолжиш понатаму кога ќе се појават проблеми?
Љ.М.С.- Скоро и да нема прилика да не спомнам дека најголема испирација и Жена пример, мотив и најголема подршка во мојот живот беше и е мојата баба. Жена која толку многу придонесе во мојот развој и формирање како личност, образование и тн. и до ден денес ми е врежано чуството на безусловна подршка и љубов, ликот, гласот и искуството што ми е пренесено од неа, ме прави доволно силна да се соочам со секаков вид предизвици, да ја спомнам и Фрида која рекла „ На крајот на денот издржуваме многу повеќе одколку што сме замислиме дека можеме“
Зошто е важно да се живеат своите соништа и да не се откажуваме од истите?
Љ.М.С.- „Најважно е да уживате во животот и да бидете среќни – тоа е единствено што е битно“
Одри Херберт
Како уметница, навистина е уживањето е да се остваруваат соништата кои сме си ги замислиле, испланирале, фантазирале… Секоја препрека е пауза и мотив да се замисли следниот„сон“, уште повеќе и уште подобро. Секое остварување на замислата е растење на апетитот за повеќе и се додека е така е добро… а јас ќе ви кажам дека сум голем сонувач и убаво ми е што е така.