Home » Инспиративни битолчанки: „Сонувајте, остварувајте,не плашете се од предизвиците“-Марина Коруновска

Инспиративни битолчанки: „Сонувајте, остварувајте,не плашете се од предизвиците“-Марина Коруновска

by culturalchat

„Кога нешто не’ копка, одвнатре, кога гласот во нас ни кажува, дека нешто е за нас, тоа е се’ што ни треба, тоа е знакот. Соништата се за да се сонуваат,  за да ги правиме реалност“, вака го започна разговорот со нас професорката Марина Коруновска. Таа покрај тоа што бележи бројни настапи како солист, посветена е и на педагошката дејност и  е професор по соло пеење во Државно музичко училиште – Битола. Нејзините ученици се студенти во престижни факултети во Виена-Австрија, Букурешт- Романија,  а некои од нив веќе се и на големите сцени во Германија.

Добитник е на сертификати за постигнати врвни резултати како професор  на престижни натпревари .

Директор е на центарот за музичка едукација Korunovska singing & music, ( Детски хор “Ѕвончиња”, “ТEEN Ѕвончиња”, Камерен хор “ Мелодиум”, Хор при словенечкото здружение “Триглав”, Поп – Рок хор за возрасни BITVOX) . На иницијатива на академик проф. Ѓорѓи Здравев во април, 2019 год. е назначена за Директор на Камерна опера- Битола.

Колку е важна меѓусебната поддршка помеѓу жените?

М.К.- Поддршката меѓу жените е исклучително важна. Не од аспект дека сме потценети па здружено да се бориме за нашите права, тоа стана клише веќе, туку од аспект на инспирација, разбирање, поминување низ исти или слични предизвици во животот, сила, мотив да се живее среќно.

Што те мотивира во работата да продолжиш понатаму кога ќе се појават проблеми?

М.К.- Во секоја работа се јавуваат пречки, потешкотии, проблеми. Во мојата, шаренолика професија, често има сопки, разочарувања. На почеток паѓа тешко, но се научив дека кога имаш цел, се исправуваш и продолжуваш. Падовите не го дефинираат животот, тие мотивираат. Мене ме фаќа инает, хаха, па кога нешто сум замислила, ја пакувам тагата, поразот и ги фрлам, хахах.

Често знам да кажам, тогаш стави си црвен кармин, насмевка и јуриш.

Зошто е важно да се живеат своите соништа и да не се откажуваме од истите?

М.К.- Кога нешто не’ копка, одвнатре, кога гласот во нас ни кажува, дека нешто е за нас, тоа е се’ што ни треба, тоа е знакот. Соништата се за да се сонуваат,  за да ги правиме реалност. Штом нешто во нас се појавило, да не го избегнуваме, бидејќи ќе пропуштиме незаборавни искуства, а по пат ќе ни даде и животна смисла. Сонувајте, остварувајте,не плашете се од предизвиците. Искуството, патот, се животот, целта е само кратка, минлива дестинација.

 

Related Articles