Home » Инспиративни битолчанки:„ Соништата се првиот чекор во достигнувањето животни врвови“-проф.Ангелина Станојоска

Инспиративни битолчанки:„ Соништата се првиот чекор во достигнувањето животни врвови“-проф.Ангелина Станојоска

by culturalchat

„ Како жена која трча полумаратони и која ја избрала науката како животна професија, многу добро знам дека успесите не доаѓаат преку ноќ и дека честопати работата е придружена со многу предизвици, проблеми и лоши денови. Проблеми отсекогаш имало, доколку ги нема би било идеално. Битно е да научиме да се носиме со нив, смирено да изнаоѓаме решенија и да продолжиме во секојдневната борба“, вака го започна разговорот со нас универзитетската професорка на Правниот факултет д-р Ангелина Станојоска, а по повод месецот на жената. Месец во кој зборуваме за инспиративните битолчанки, нивниот пат на кој храбро чекорат низ секојдневните предизвици, нивната сила и мотивација за исполнување на своите соништа.

Вон. проф. д-р Станојоска во 2014 година е избрана за доцент на Правниот факултет – Кичево, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, во научната област Криминологија, додека во 2019 е избрана за вонреден професор во научните области Криминологија и Општа криминалистичка теорија. Од септември 2017 година е избрана за раководител на Центарот за научно – истражувачка работа при Правниот факултет – Кичево. Таа е и Еразмус + координатор на Правниот факултет. Една е од 10те млади криминолози – добитници на меѓународната награда за научен труд од областа на криминологијата која во 2019 година ја доделија Канцеларијата за дрога и криминал на ООН (UNODC) и Меѓународното здружение за криминологија (ISC). Трудот (Testing Agnew’s GST among Incarcerated Women in the Republic of North Macedonia) беше презентиран на Светскиот конгрес на криминологија, кој во октомври 2019 година се одржа во Доха, Катар, а подоцна и објавен (и е дел од доставените трудови до Одборот).

Вон. проф. д-р Ангелина Станојоска е автор на 58 научни и стручни трудови, делови од книги, како и на првиот универзитетски учебник по „Криминологија“ (на УКЛО) заедно со проф. д-р Пере Аслимоски издаден во 2019 година, но и на монографијата „Теории во криминологијата„ издадена во 2020 година.Од 2017 година, е основач и активен ментор во клубот Титус Флавиус Орестес каде заедно со студентите учествува на Moot court натпревари на симулирани процеси пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Член е на European Society of Criminology; рецензент во European Journal of Criminology;International Journal of Criminal Justice Sciences; Journal of Liberty and International Affairs; член на Македонско научно друштво – Битола и Здружението на дипломирани криминалисти – Скопје. Таа е и продекан за наука и меѓународна соработка, на Правниот факултет.

Колку е важна меѓусебната поддршка помеѓу жените?

А.С.- Знаеме дека отсекогаш постојат мислења дека жените меѓусебно не се поддржуваат на ист начин како што тоа го прават мажите. И можеби донекаде таквата констатација е точна. Сепак, во време кога се уште жените не ги уживаат доволно своите права, кога абортусот на многу жени им е ограничен, кога родово заснованото насилство е секојдневие, а жените жртви се посочени како единствените виновни за тоа, меѓусебната поддршка е неминовна и повеќе од потребна. Не можеме да бараме родова еднаквост, а да не се поддржуваме и штитиме меѓусебно, затоа што секоја жена е важна и секоја жена има право да го достигне својот потенцијал, без никакви ограничувањаод никого.

Што те мотивира во работата да продолжиш понатаму кога ќе се појават проблеми?

А.С.- Како жена која трча полумаратони и која ја избрала науката како животна професија, многу добро знам дека успесите не доаѓаат преку ноќ и дека честопати работата е придружена со многу предизвици, проблеми и лоши денови. Проблеми отсекогаш имало, доколку ги нема би било идеално. Битно е да научиме да се носиме со нив, смирено да изнаоѓаме решенија и да продолжиме во секојдневната борба. Мојата мотивација во работата е тоа чувство на крајот од поставената цел, кое трае кратко како удар на крилјата на колибри, кога адреналинот ти ја исполнува секоја пора и кога знаеш дека пред себе го имаш резултатот на твојот успех. Тој момент не може да го избришат сите проблеми на светот.

Зошто е важно да се живеат своите соништа и зошто е важно да не се откажуваме од истите?

А.С.- Соништата се првиот чекор во достигнувањето животни врвови, затоа што прво сонуваме, потоа излегуваме од конфорната зона и работиме деноноќно, попатно жртвуваме многу нешта, за на крајот да ги исполниме поставените цели, а потоа пак да почнеме од почеток со некој нов сон. За мене да се сонува значи да се биде жив, да се дава смисла на сопственото постоење, да се гради својата животна сложувалка, но и да се остави трага која ќе постои и после крајот. Токму затоа како професорка отсекогаш ги учам своите студенти во ниту еден момент да не се откажат од своите соништа, без разлика на тоа колку изгледа тешко или поради тоа што еднаш доживеале неуспех. Неуспехот не прави свесни за своите грешки, самокритични кон себеси и своите способности, желни за промена и мотивирани за уште посилна и поквалитетна работа, затоа што соништата вредат само кога се живеат.

 

 

 

Related Articles