Home » Инспиративни битолчанки: „Соништата ни се доказ дека можеме СЕ“-Дијана Неделковска

Инспиративни битолчанки: „Соништата ни се доказ дека можеме СЕ“-Дијана Неделковска

by culturalchat

„Соништата се оние кои не водат низ животот, соништата се оние кои не држат во живот. Дел од нив еден ден  ќе станат убава реалност, а дел од нив не ( зошто е така не знам, но можеби не чека нешто подобро од тоа што ние си го посакуваме или сонуваме), но без разлика на се, тие ни се доказ дека можеме СЕ“, вака го започна разговорот со нас Дијана Неделковска, активен спортист, трикратен светски шампион во дисциплината екстремна самоодбрана во апсолутна категорија ( мажи и жени над 18 години ) во три засебни светски организации и асоцијации за боречки вештини и спортови.

Разговаравме по повод празникот на жената 8-ми март за жените лавици, битолчанки кои храбро чекорат низ полето наречено живот, една од нив е Дијана. Посветено ја води светски познатата Академија за боречки вештини и спортови „ЗА – НЕД – ДО“ во Битола, која по загубата на нејзиниот татко е преименувана во „Златко Неделковски“.

Колку е важна меѓусебната поддршка помеѓу жените?

Д.Н.- Искрено јас мислам дека секоја поддршка е доста важна во нашите животи без разлика од каде ја добиваме и колку ја даваме.  Не би ја делела поддршката на машка и женска, или ја добиваш или не. Имам неколку важни личности во мојот живот, кои иако со текот на годините се намалуваат, но барем остануваат оние искрените, кои ми се голема поддршка кога треба но и големи критичари и фала им за тоа. А кога станува збор за поддршка од жена, најважна ми е и знам дека е брутално искрена само од една жена,  мајка ми! 

Што те мотивира во работата да продолжиш понатаму кога ќе се појават проблеми?

Д.Н.- Оние кои добро ме познаваат приватно, знаат колку многу ми значи мојата работа и со колкава доза на љубов ја работам истата. Проблемите и пречките во животот, токму тие ми се голема мотивација да се борам и да им докажам на сите па и себе си дека секогаш можам подобро и повеќе. Тука се и децата кои исто така ми се многу важен дел од животот.

Во 21 век кога се се движи во правец каде што не треба, прекрасно е чувството да знаеш дека си нечија инспирација и мотивација и дека во очите на многу луѓе и деца си ,,супер херој,, ете тоа е она што ме држи цврсто и тогаш кога на моменти е премногу тешко. Откажувањето е полесниот пат кој во секое време може да го одберете во животот, но јас секогаш го одбирам потешкиот. Уживам кога чекорам низ животот по патека по која сама си ја одбирам, без разлика колку е   стрмна и тешка. На крај среќата е голема кога ќе погледнеш што се си постигнал во животот.

Зошто е важно да се живеат своите соништа и да не се откажуваме од истите?

Д.Н.- Соништата се оние кои не водат низ животот, соништата се оние кои не држат во живот. Дел од нив еден ден  ќе станат убава реалност, а дел од нив не ( зошто е така не знам, но можеби не чека нешто подобро од тоа што ние си го посакуваме или сонуваме), но без разлика на се, тие ни се доказ дека можеме СЕ!  Доказ дека сме ЖИВИ!

Доказ дека на моменти сме посилни од она што мислиме дека сме, дека ни една препрека не е доволно силна да не спречи да го оствариме она кое силно го посакуваме, и на крајот од денот знам дека во секој од нас постои БОРЕЦ, борец  кој никогаш нема да престане да се бори за своите соништа.

 

Related Articles