Home » Инспиративни битолчанки: „Само заедно сплотени сме посилни“-Фатма Бајрам Аземовска

Инспиративни битолчанки: „Само заедно сплотени сме посилни“-Фатма Бајрам Аземовска

by culturalchat

„Соништата се оние кои ни ја даваат смислата за живот. Тие се двигателот кој не полни со позитивна енергија секогаш кога ќе треба да станеме од кревет и да го започнеме денот“, вака го започна разговорот со нас, Фатма Бајрам Аземовска, раководител од областа на Развој на библиотекарството, меѓународна соработка, маркетинг и односи со јавноста при битолската библиотека и претседател на „Сумнал“ – здружението за развој на ромската заедница, а по повод празникот на жената 8-ми март. Во тој контекст ние разговараме со неколку жени лавици, битолчанки кои храбро чекорат низ полето наречено живот, една од нив е Фатма.

Неодамна таа беше дел од изложбата  „Иднина е женски род“ во Ист Гејт Мол во Скопје, која ја отворија евроамбасадорот Дејвид Гир, сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска и Моника Сандри, ВД. директорката на ОН. Инаку, Аземовска е добитник на многу награди, една од позначајните е првата  ЕУ награда за интеграција на Ромите во Западен Балкан и Турција.

Колку е важна меѓусебната поддршка помеѓу жените?

Ф.Б.А- Меѓусебната поддршка помеѓу жените е важна затоа што ние жените се разбираме и со поглед, врвиме по истите патеки на животот и како девојки и како жени и како мајки. Само ние можеме да си ги разбереме солзите, но и да си наздравиме за успесите. Само жена дише во ист ритам со друга жена. Само една жена може да застане на здрави нозе и да и помогне на секоја друга во каков и да било проблем, бидејќи ние жените сме пред се емоционални. Нас природата не створила да се грижиме, да се грижиме за домот, за семејството, затоа секогаш сме тука да си ислушаме најблиските и да им дадеме секаква поддршка во секој момент кога им е потребна. Само заедно сплотени сме посилни.

Што те мотивира во работата да продолжиш понатаму кога ќе се појават проблеми?

Ф.Б.А-Мојата мотивација е семејството, моите деца. Една жена пред се е мајка, која зад своето камено лице ја крие најголемата емоција и болка. Се додека тие се здрави и насмеани, сите останати проблеми се ситница. За секој проблем постои решение, ако не можам сама тука се моите пријатели, кои секогаш се тука да ме мотивираат да дојдам до најбрзото решение за секој проблем. Не постои проблем кој не може да се реши, треба само да се седне и да се избистрат  мислите со поддршка која ја даваат најмилите.

Зошто е важно да се живеат своите соништа и да не се откажуваме од истите?

Ф.Б.А-Соништата се оние кои ни ја даваат смислата за живот. Тие се двигателот кој не полни со позитивна енергија секогаш кога ќе треба да станеме од кревет и да го започнеме денот. Доколку се откажеме, нашиот живот нема смисла нема цел, затоа е многу важно она што го сонуваме да ни стане реалност. Секој сон може да се оствари ако навистина го посакуваме и вредно работиме истиот да го реализираме. Нашата насмевка е најголема секогаш која некој сон ќе стане реалност. Патот на животот е полн со пречки и сомнеж дали можеме, но ако не пробаме никогаш нема да знаеме, дали сме можеле да успееме. Затоа јас силно верувам дека е време секој да си ги засука ракавите и да почне да си го живее својот сон. Сон кој носи неизмерна радост и среќа.

 

Related Articles